1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Светлина на крајот на тунелот

Германската сојузна влада годинава очекува пад на конјунктурата од шест проценти, но по тешката рецесија, стопанството, според владините прогнози, во наредната година треба да се опорави и дури да забележи благ пораст.

default

Карл-Теодор цу Гутенберг

Министерот за стопанство Карл-Теодор цу Гутенберг денеска ја претстави владината прогноза за стопанските текови.

„Во 2010 сметаме дека е можно и достижно повторно лесно подобрување од плус половина процент“, најави министерот за стопанство. Прогнозите на владата се пооптимистички, отколку на институтите за економски истражувања - тие и во наредната година сметаат на негативен тренд, но од само половина процент. Владата смета дека во текот на годинава ќе дојде до „стабилизација на постигнувањата на стопанството, но на ниско ниво“.

Прогнозите главно се совпаѓаат

Кај сите постои согласност во прогнозите дека рецесијата годинава ќе изнесува шест проценти. Владата во голема мера ги споделува прогнозите на институтите и во однос на развојот на ситуацијата на пазарот на работна сила и очекува бројката на невработени на годишен просек да се наголеми од сегашните 3,7 на 4,6 милиони во наредната година. Благодарение на конјунктурните пакети, приватната потрошувачка ќе забележи само лесно назадување. Владата е пооптимистичка од институтите и во однос на прогнозите за развојот во сферата на платите - тие очекуваат пад на бруто-примањата годинава, додека владата смета на пораст, врз основа на што ги темели и ветувањата дека нема да дојде до кратење на пензиите во наредната година. Износот на пензиите во Германија, имено, се ориентира според развојот на бруто-примањата на вработените.

Deutschland Symbolbild Finanzkrise Wirtschaftskrise Kurzarbeit

Стопанството треба допрва да ги почувстува донесените мерки

Нема да има трет конјуктурен пакет

Министерот за стопанство Карл-Теодор цу Гутенберг причините за драстичното намалување на севкупните постигнувања на германската економија ги гледа во големиот пад на извозот како последица на кризата во светот. Германското стопанство, инаку, е изразито извозно ориентирано. Министерот ги отфрли барањата за донесување трет пакет мерки за поддршка на конјунктурата.

„Кој смета сега да бара трета конјунктурна програма, според мене, ќе го постигне токму спротивното - со тоа побргу ќе дадеме придонес за внесување несигурност во земјава, кај инвеститорите, кај потрошувачите и конечно несигурност кај даночните обврзници“.

Двата конјунктурни пакета на владата беа со вкупен волумен од околу 80 милијарди евра. Карл-Теодор цу Гутенберг нагласи:

„Сега е битно брзо и по можност небирократско спроведување на усвоените мерки. За нас останува еден од најголемите предизвици, и - според мене - најважен фактор во ова време, стабилизацијата на финансиските услуги и банкарскиот сектор“.

Затоа министерот смета дека е од првостепена важност да се најде брзо и издржано решение за ослободување на билансите на банките од дубиозните хартии од вредност. Кон средината на мај владата ќе поднесе предлог-закон за таканаречените „бед-бенкс“, кои ќе ги преземат таквите хартии д вредност.

Во јануарската прогноза владата очекуваше пад на стопанството од 2,25 проценти, и пресврт на трендот во втората половина од годинава.


Автор: ЗЈ/дпа/дв

Редактор: Жана Ацеска