1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Светлина и сонце над паднатиот Берлински ѕид

Со изложбата фотографии „Поделениот град – Топографија на Берлинскиот ѕид” на Карл -Лудвиг Ланге и Германскиот Бундестаг се вклучи во одбележувањето на 20 годишнината од историскиот чин.

default

На фотографиите на Карл-Лудвиг Ланге наспроти остатоците од бришаниот простор и Ѕидот доминира оптимизам

Од Берлинскиот ѕид кој минувал преку реката Шпре, крај зградата на Рајхстагот сега нема трага. На него потсетуваат само плочките на улицата кои ја покажуваат неговата линија и црните крстови на оние кои не успеале да ја минат реката. Времепловот на спомени на 1990-та е отспротива. Во куќата „Мари-Елизабет-Лидер“ на Бундестагот, каде се изложени црно-белите фотографии во голем формат на уметникот и хроничарот на престолнината, Карл-Лудвиг Ланге.

Две ситуации на исто место

„Идејата за изложбата беше што токму тука, во ’Мари-Елизабет-Лидер’ куќата на Бундстагот има споменик на Берлинскиот ѕид. Во објектот, под библиотеката, се вградени сегменти од Ѕидот чија линија оригинално тука минувала. Во оваа просторија сега се презентираат фотографиите на Карл-Лудвиг Ланге кој ја овековечил ситуацијата од 1990 година. Границата ја нема, линијата на смртта се препознава, се е небаре пустина, стрниште, која го пресекува организмот на Берлин,” објаснува кураторот на изложбата Андреас Каербах.

Deutschland Ausstellung Die geteilte Stadt - Topographie der Berliner Mauer

„Делови од Ѕидот со бројот на жртвите по години се на истиот простор каде и изложбата“. Андреас Каернбах - куратор.

Карл– Лудвиг Ланге кој од 1967 година живее и работи во Берлин кажува дека во годината по паѓањето на ѕидот направил околу 12.000 снимки од кои 400 фотографии се презентирани на повеќе тематски изложби. „За оваа прилика барав фотографии кои со себе носат сонце и надеж. Фотографии кои се спротивност на споменикот на Берлинскиот ѕид во Бундестагот, каде е забележан бројот на жртвите на ѕидот по години. Наспроти тоа сакав да покажам една ситуација која е сончева, екстремно светла и да го подвлечам позитивното што го донесе паѓањето на ѕидот. Кога фотографирав не се наоѓав ниту на западната, ниту на источната страна, туку во ничија земја која во тоа време егзистираше”, изјави за македонската програма на Дојче веле Карл-Лудвиг Ланге. Тој дополнува дека не прави ретроспектива за тоа колку било страшно на Истокот, или колку убаво на Западот. Двата дела од градот изгледале во 1990-та поеднакво. Биле метафора на крајот на Втората светска војна.

Престолнината во целост

„Ѕидот отсекогаш ме фасцинирал како симбол на поделбата, не само во урбана смисла, туку и во однос на делбите кои постојат во главите на луѓето. Како 11-годишно момче го доживеав градењето на Ѕидот. Бев во Берлин и се сеќавам како мајка ми панично реагираше и веднаш го напуштивме градот. Таа беше родена во 1909 –та и ги имаше искуствата од Првата и Втората светска војна, затоа и Ѕидот во нашето семејство беше како

Deutschland Ausstellung Die geteilte Stadt - Topographie der Berliner Mauer

Црно-белите фотографии на Карл-Лудвиг Ланге пред публиката до мај 2010 година

некое сениште”, си припомнува Ланге за кого моментите од 9 ноември 1989 година биле фасцинантни. Продолжил да фотографира во Источен Берлин, кој бил всушност средиштето на престолнината. Кажува дека во училиште учел колку е Берлин голем, но никогаш порано не го почувствувал во неговата целост. Големо изненадување за него било слободното чекорење низ истокот, можноста да го доживее градот без контроли и легитимирања.

Една од највпечатливите фотографии е онаа под наслов „Мите” - „Центар” каде е претставена локацијата на која токму сега се наоѓа изложбата: Шпре, Рајхстагот, и дел од Ѕидот.

„Ова е сликано во летото 1990 година. Јуни или јули. Сонцето е десно, високо и затоа нема речиси никакви сенки. Фасцинантно е што на изложбата се претставени само светли фотографии. Се радувам што се големи, светли и зрачат позитивно расположение”, вели Карл-Лудвиг Ланге чија колекција фотографии снимени од 1973 до 2009 од 9. до 19. ноември ќе биде изложена и во Фондацијата Конрад Аденауер во Берлин.

Автор:Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска