1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

СБ на итна седница по ракетните тестирања на Пјонгјанг

Советот за безбедност на ОН денеска свика вонредна седница, на барање на Јапонија поради новонастанатата криза предизвикана од лансирањето на проектили со долг домет што ноќеска ги изведе Северна Кореја. САД и Русија овој потег на Пјонгјанг го оценија како намерна провокација. Сите тестирани ракети завршиле во јапонското море.

Северна Кореја изврши ракетни тестови

Северна Кореја изврши ракетни тестови

Јапонија бара економски санкции за Северна Кореја која ноќеска и покрај предупредувањата изврши тестирање на повеќе видови ракети, меѓу кои и на една со долг дострел. Советот за безбедност на ОН ќе расправа по барањето на Токио

“Секако дека бараме економски санкции. Под тоа може да влезе се што ни е на располагање”, изјави портпаролот на јапонската влада Шинцо Абе.

Веднаш потоа Јапонија му забрани шест месеци пристап на севернокорејскиот ферибот кој редовно сообраќа меѓу двете земји.

Меѓународната заедница веќе го осуди овој гест на Пјонгјанг, кој за Вашингтон и Москва е намерна провокација. САД најави интензивни дипломатски активности во регионот. Советникот за национална безбедност во Белата куќа, Стивен Хедли по состанокот со претседателот Буш, министрите за одбрана и за надворешни, Рамсфелд и Рајс, изјави дека ракетните тестови не се закана за американската безбедност.

Според американски извори Северна Кореја лансирала шест ракети од кои една била од типот Таеподонг 2, ракета со долг дострел која може да стигне и до американско тло. Оваа ракета паднала во море 40 секунди по лансирањето. Во меѓувреме јапонската војска е во потрага по остатоците од ракетите кои завршиле во јапонското море.

Севернокорејските власти пак бранејќи го своето суверено право стојат на ставот дека засега не прекршиле ниту еден меѓународен договор и потенцираа дека "никој нема право да го осудува потегот како привилегиран или погрешен".

Аналитичарите велат дека со ова Северна Кореја сака да го привлече вниманието на САД поради тоа што во последно време повеќе се занимава со проблемот со атомската програма на Иран, отколку со онаа на Пјонг Јанг. Северна Кореја неделава дури се закани и со нуклеарен напад врз САД ако им ги нападнат атомските централи, но за Вашинтон тоа е само хипотетичка работа.

Во последниве недели САД, Јапонија и Јужна Кореја постојано го предупредуваа Пјонг Јанг да не врши вакви тестирања зашто може да се соочи со тешки санкции.