1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Саљији со политичко поентирање избегнал реконструирање

21 март 2018

Министерот избрал начин „славно“ да замине пред да биде реконструиран, но и политички да поентира пред протестите што за денеска ги најави граѓанската иницијатива „Правда за Алмир“, тврдат за ДВ партиски извори.

https://p.dw.com/p/2ufr4
Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Морален или крајно дволичен чин? Вакви се сомнежите по вчерашната оставка на министерот за правда, Билен Саљији, кој неа ја образложи како резултат на личен морален чин, поради разнишаната доверба во судството по одлуката за преквалификување на обвинението во случајот за Алмир Алиу.

„И најмалата девијација може да креира непоправливи последици. Кога дaдовме свечена заклетва се обврзавме, пред сѐ, дека ќе ја вратиме довербата на граѓаните во судскиот систем. Таа почна да се враќа преку случаите 'Сопот' и 'Монструм'. Но сепак, во овие моменти чувствувам дека довербата е разнишана во јавноста, но и кај мене лично, поради одлуката од пред неколку дена републичкиот јавен обвинител да го преквалификува обвинението во случајот на малиот Алмир. Оваа контроверзна одлука беше оспорена од четири јавни обвинители“, рече Саљији.

Притоа потенцираше дека моралната обврска да поднесе оставка не е акт на неуспех или притисок, туку акт за кој се надева ќе биде во правец на подигнување на свеста за  бескомпромисни реформи на правосудството.  Претходно, Саљији наброја што било реализирано во ресорот правда, потенцирајќи ја усвоената Стратегија за рефроми во правосудството и одредени закони со кои се поставени контурите на реформскиот процес во таа сфера. Но, во изминатите месеци имаше многу забелешки за начинот и нетранспарентноста на кои се планираат реформите, па работата на формираниот Совет за реформи беше мета на жестоки критики и оставки токму од експертите кои беа ангажирани во него.

Ljubomir Joveski
Љубомир Јовески разговарал со родителите на Алмир Фотографија: privat

Јовески не коментира

Но, според партиски извори, во заднината на наводниот морален чин на Саљији и обемната работа, вистинските мотиви не се толку возвишени. Неговото заминување се сметало за неопходно поради незадоволство од неговата работа во министерството. Ресорот правда бил планиран во претстојниот процес на кадровска реконструкција, така што министерот избрал начин сам „славно“ да замине, за да не биде реконструиран. А со избраниот тајминг имал за цел и дополнително политички да поентира пред протестите што за денеска ги најави граѓанската иницијатива „Правда за Алмир“.

Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, вчера беше воздржан околу образложението на оставката од страна на министерот за правда.

„Тоа е изјава на политичар, тоа е оставка на политичар, и јас не би ја коментирал“, кусо изјави за ДВ, Јовески. 

„Случајот Алмир“ кој ја рабранува јавноста се однесува на трагедијата на четиригодишниот Алмир Алиу, кој беше прегазен со автомобил од страна на Бобан Илиќ на 25 јуни 2016 година во Куманово, по расправија меѓу семејството на детето и обвинетиот. Незадоволството порасна откако по две години предметот беше преквалификуван  - од убиство со умисла - во тешко кривично дело против безбедноста во сообраќајот. Четворица јавни обвинители, Албанци, минатиот петок соопштија дека се дистанцираат од ваквата преквалификација на случајот.

Staatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

И изјавите се притисок

Јовески деновиве изјави изјави дека Јавното обвинителство стои зад одлуката со која е преквалификувано делото, и дека реакциите нема да влијаат таа да биде сменета. Тој на негово барање се сретнал и со родителите на Алмир.

„Бев со цел да им кажам дека нема никаква заднина во преквалификацијата на предметот“, изјави Јовески за Макфакс, додавајќи дека правдата ќе биде задоволена.

-прочитајте уште: 

(Архива) Љубомир Јовески за ДВ: Обвинителството ќе биде ослободено од центри на моќ

Според него, случајот нема етничка или каква и да е друга позадина. Врз основа на доказите и вештачењата во предметот, обвинителката која го застапува предметот утврдила дека во случајот нема умисла, односно дека врз обвинетиот влијаел афектот во извршување на кривично дело.

„Врз основа на претставка на оштетен, предметот е рефериран во Вишото јавно обвинителство, а потоа и во Јавното обвинителство“, објасни Јовески, и потенцира дека значаен дел од над 25 обвинители на повисоките обвинителства се изјасниле дека прибраните докази не го потврдуваат првичното обвинение.

Запрашан дали има притисоци, тој одговори: „Лично немам партиски притисок, но ако ги следите соопштенијата на некои партии и на Министерството за правда, тоа може да се протолкува како влијание врз работата на Јавното обвинителство“, рече тој, потенцирајќи дека се залага обвинителството да се тргне од канџите на политиката.

За денеска се најавени протести пред Владата, поддржани и од политички партии. Нивното барање ќе биде Обвинителството да ја преиспита одлуката за случајот на малиот Алмир.