1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Саудиска Арабија не го удостои Советот за безбедност на ОН

Кралството Саудиска Арабија не го прифаќа изборот во највисокото тело на ОН. Вчера Саудиска Арабија и четири други држави беа избрани за непостојани членки на Советот за безбедност на ОН.

Министерството за надворешни работи на исламско-конзервативното кралство преку соопштение го одби изборот за непостојана членка во Советот за безбедност на ОН. Како образложение се наведува дека ова тело не било во состојба да стави крај на војните и да реши конфликти.

Министерството говори за „двоен морал“ во телото на ОН, како пример била граѓанската војна во Сирија. Фактот дека „на актуелниот режим во Сирија му се дозволува да го убива својот народ и пред очите и со знаење на светот да употребува хемиско оружје, без да бидат воведени санкции за заплашување, е јасен доказ за немоќта на Советот за безбедност“, соопшти министерството. Саудиска Арабија во конфликтот ги поддржува бунтовниците. Властите во Ријад во последно време беа разочарани, бидејќи Западот не се одлучи за интервенција во Сирија.

„Блискоисточниот конфликт не е решен“

Исто така и за конфликтот меѓу Израел и Палестинците веќе 65 години немало праведно и долгорочно решение. Саудиска Арабија бара реформа на Советот за безбедност на ОН.

Генералното собрание на ОН вчера (17.10.) избра пет држави за непостојани членки на Советот за безбедност на ОН за две години. Од наредната година Литванија и Чад за првпат би требало да бидат застапени во Советот за безбедност на ОН. За Саудиска Арабија исто така ќе беше првпат членство во ова тело на ОН. Освен овие земји како нови непостојани членки на Советот се именувани и Чиле и Никарагва.

Критика за изборот на Саудиска Арабија

Организациите за заштита на човековите права веќе го критикуваа изборот на Саудиска Арабија. Ова кралство воопшто не можело да се залага за почитување на човековите права сѐ додека во сопствената држава на жителите им се оспоруваат основни права. Критики има и за изборот на Чад и Нигерија.

Секоја година се избираат пет од десетте непостојани земји членки на Советот за безбедност на ОН. Петте вето сили, САД, Русија, Кина, Франција и Велика Британија се постојано застапени во Советот за безбедност на ОН.