1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Саркози и Ројал убедливо во финалето

Во Франција ќе има втор круг на претседателските избори

Саркози и Ројал

Саркози и Ројал

„Води Никола Саркози со 29,6% од гласовите, пред Сеголен Ројал со 25,1% ! Тоа се двајцата канидати кои ќе ги одмерат силите на 6 мај“, со овие зборови водителот на националниот телевизиски канал Франс 2 ги соопшти резултатите од првиот круг на претседателските избори во Франција.

Резултататите не претставуваат изненадување, сите сондажи ги предвидоа. Трет е Франсоа Бајру со околу 18% од гласовите и четврти е Жан-Мари Ле Пен со околу 11%. Ниту еден од останатите осум кандидати не ја помина бројката од 5%.

Најголемото изненадување е мобилизацијата, скоро 85% од околу 44,5 милиони избирачи се појавија пред урните. Вистинска победа на демократијата и потврда на интересот на французите за политиката, разбудени со референдумот за Европскиот устав по политичкиот земјотрес од 2002.

Прв зеде збор кандидатот на десницата Никола Саркози.

„Посакувам само едно нешто, да го обединам францускиот народ, околу новиот француски сон, тој на братската Република(...) На Франција која ми даде сé, сакам да и се оддолжам“, изјави Саркози.

Кандидатот на УМП во говорот се осврна на темите кои му дозволија да го освои народниот дел од избирачкото тело, кој очигледно успеа да ги оттргне од Ле Пен.

„Ќе им зборувам на работниците, на службениците, на занаетчиите, на земјоделците, на Франција која дава многу и никогаш ништо не прима. Ќе зборувам за идентиетот, за авторитетот за работата, за заслугите (...) Сакам да им речам на сите французи кои имаат страв дека ќе ги заштитам“.

Сеголен Ројал, својот повик го испрати од Мел, градче во регионот Пуату-Шарант, каде таа е претседател. Роајал ги повика французите да покажат смелост и на 6 мај да ја донесат на челото на државата. Таа им подаде рака на сите кои мислат како неа, „дека не е само можно, туку дека е ургентно да се напушти системот кој не функционира.“

Сеголен Ројал е убедена дека може да победи.

„Дојдете мажи и жени на Франција, од сите возрасти, од сите средини, од сите територии и сите потекла! Дојдете сите живи сили на нашата убава нација! Да заедно и ја вратиме насмевката на нашата земја. Заедно ќе можеме да ги отстраниме лошите демони на потиштеноста и на падот“, рече Роајал која е првата жена со реални шанси да биде избрана за претседател на Франција.

Третиот човек во првиот круг на изборите, Франсоа Бајру - кандидатот на УДФ, на своите симпатизери им порача:

„Имам добра вест за вас: од вечерва, француската политика ќе се промени и таа никогаш нема да биде како порано. Конечно има центар во Франција. Широк центар, силен и независен, способен да зборува и делува надвор од старите граници.“

Франсоа Бајру знае дека ако не е во вториот круг на изборите, неговите гласачи ќе бидат тие кои што ќе одлучат кој ќе биде новиот претседател на Франција на 6 мај. Тој не даде совети за кого да се гласа.

Канидатите на крајната левица, разбирливо, повикаа да му се попречи патот на десницата, односно на Никола Саркози.

Двата кандидати на крајната десница, Жан-Мари Ле Пен и Филип де Вилие не ги повикаа нивните избирачи да гласаат за кандидатот на десницата.

Според сондажите направени по објавувањето на првите резултати, за Никола Саркози имаат намера да гласаат 54%, додека за Сеголен Роајал 46% од гласачите. Но, остануваат уште две недели кампања.