1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Саркози бара од Меркел данок на финансиски трансакции

Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози ќе се состанат денеска во Берлин на разговори во пресрет на вонредниот самит на ЕУ кој треба да се одржи на крајот на јануари.

default

Ангела Меркел и Никола Саркози

Се очекува на средбата да стане збор за проблемите околу помошта за Грција како и финансирањето на идниот финансиски пакет за помош ЕСМ, кој треба да стартува уште кон средината на годинава. Меѓутоа Никола Саркози има уште нешто во багажот: Тој има намера час покоро да воведе во Франција данок на трансакции. Најрадо со, но ако е потребно и без Германија.

Божикните и новогодишни празници му подарија на дуото "Меркози" време за оддишка: еврото малку се опорави за празниците, пазарите се подсмирија и Франција на изненадување ја задржа најдобрата оценка за кредитоспособност, тројно А. Но првата средба меѓу канцеларката Ангела Меркел и претседателот Никола Саркози ветува дека ќе биде турбулентна. Имено Никола Саркози со себе носи изненадување. Неговиот министер за финансии Франсоа Бароан ја знае неговата содржина:

„Со оглед на тоа што поголемиот дел од кризата потекнува од развојот на финансиската индустрија, сметаме дека данокот за финансиски трансакции е морална обврска. Сакаме да го спроведеме колку што е можно поскоро. Знаеме дека немаме време за губење, затоа данокот ќе биде спроведен до крајот на годинава“, најави Бароан. 

Франција сака да биде лидер

На владата во Париз и се брза. До крајот на месецов данокот треба да биде усвоен во Франција и да се спроведе што поскоро. Претседателот Саркози нагласи дека Франција нема да чека на другите, а сега ќе се обиде и да ја убеди канцеларката Меркел. Франција сака улога на предводник, вели советникот на претседателот Гуино. На одлука на ЕУ, Париз не сака веќе да чека.

„Франција ќе предничи како добар пример. Се разбира, подобро е ако се приклучи и Германија. Но, ако самите го спроведеме данокот, се надеваме, дека ќе следуваат и другите, особено се разбира Германија“.

Frankreich Francois Baroin

Франсоа Бароан

Берлин веќе одби Германија и Франција самите да го преземат овој чекор, иако Меркел принципиелно се залага за данокот на финансиски трансакции. Заедно со Саркози, за тоа таа пледираше како на ниво на ЕУ, така и на ниво на Г20. Германија меѓутоа бара за тоа да постои согласност меѓу земјите на ЕУ или најмалку меѓу земјите на еврото. Комисијата на ЕУ исто така е против самостојни чекори, како и италијанскиот премиер Марио Монти, кој минатиот петок беше во посета на Париз.

„Мојот кабинет е отворен за данок на финансиски трансакции. Се разбира е важно, ниту една земја да не презема самостојни чекори.“

Темата данок на финансиски трансакции ќе се наметне на разговорите меѓу Меркел и Саркози во Берлин повеќе од очекуваното. Покрај ова, тема ќе биде и европската должничка криза. Имено, Грција има проблеми да го спроведе бришењето на долговите, а стопанството во проблематичните држави како Шпанија и натаму тоне.

Автор: Ане Кристине Хекман/Александра Трајковска

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM