1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Санкции на ОН против Либија

Противниците на либискиот претседател Моамер ел Гадафи го зазедоа и третиот град по големина, Мисурата. Синоќа Советот за безбедност на ОН воведе санкции против режимот на Гадафи.

default

Најави за преодна влада во Бегази

Целиот исток на Либија е слободен, јавуваат извори на опозицијата, откако го зазедоа градот Мисурата, на околу 200 километри од Триполи. Тој е трет град по големина и се смета за економски центар на земјата. Состојбата на истокот е мирна, иако државните структури се распаднаа, јавува Ал Џазира. Поранешниот либиски министер за правда, Мустафа Абдел Џалил, кој мина на страната на востаниците, најави формирање преодна влада, чија задача би била да подготви привремени избори. Оваа влада ќе остане на власт најмногу три месеци, колку да овозможи премин и да ги подготви првите слободни избори, порача Џалил и појасни дека во преодната влада седат претставници на граѓанското општество, како и на воените сили кои минаа на страната на демонстрантите.

Muammar Abu Minyar al-Gaddafi

Изолиран и забарикадиран: Моамер ел Гадафи

Тој порача дека нема да има преговори со Гадафи за напуштање на земјата. Долгогодишниот властодржец мора да одговара пред либиски суд, нагласи Џалил. Водачот на револуцијата во меѓувреме се забарикадира во еден кварт на главниот град Триполи, каде под невидени безбедносни мерки го чуваат лојалните воени сили и милиции.

Единство во Советот за безбедност

Меѓународната заедница синоќа направи важен чекор во изолирањето на режимот на Гадафи. Советот за безбедност имено донесе едногласна резолуција со која се воведува потполно ембарго на извоз на оружје за Либија, се забранува патување на Гадафи и членовите на неговиот клан, а се замрзнуваат и нивните банкарски сметки и други имоти во странство. Советот за прв пат во историјата се согласи и да го активира меѓународниот кривичен суд во Хаг и да ги изведе пред него одговорните за воени злостори и геноцид во Либија. Овој дипломатски успех се должи пред се’ на интезивниот ангажман на Германија, која е непостојана членка во Советот од почетокот на годинава. Германскиот амбасадор во ОН, Петер Витиг, изјави:

Veto im UN Sicherheitsrat: USA blockieren UN-Resolution gegen Israel

Салата на Советот за безбедност на ОН во Њујорк

„Ова е јасна порака за либискиот режим да го запре насилството и јасно предупредување за оние, кои ги кршат човековите права, дека ќе бидат повикани на одговорност!“

Далекусежна одлука

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, порача дека примената на сила против цивили во Либија е неприфатлива. А шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле нагласи дека во меѓународната заедница нема место за некој, кој ги убива сопствените граѓани. Американската амбасадорка во ОН, Сузан Рајс, по донесувањето на резолуцијата изјави:

„Ова е прва едногласна резолуција на Советот за безбедност, која му пренесува во надлежност на Меѓународниот кривичен суд таков драматичен случај на кршење на човековите права!“

Советот за безбедност за сега се откажа од донесување одлука за воена интервенција во Либија под мандат на ОН.

Автор: Клаудија Саре / Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски

DW.COM