1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Санкции за родителите поради негрижа за децата

Наскоро во Скопје ќе биде отворен Транзитен центар, во кој ќе бидат згрижени децата од улица од Скопје и останатите поголеми македонски градови за 24 и повеќе од 48 часа. Несовесните родители ќе бидат санкционирани.

default

Жалната слика на малолетни деца кои питачат низ градските улици на поголемите македонски градови наскоро треба да биде минато. Суровата реалност на овие деца треба да се смени со отворањето на првиот Транзитен центар за децата од улица, кој треба да биде отворен до средината на септември во Скопје.

Досегашните Дневни центри за деца од улица кои функционираа осум часа дневно се покажаа како неефикасни поради несовесноста на нивните родители. Дури 90% од децата потоа, за жал повторно беа враќани на улица, потенцира за Дојче веле, Спиро Ристески министер за труд и социјална политика.

Spiro Ristovski

Министерот Спиро Ристески

Во Транзитниот центар децата од улица ќе бидат згрижени 24 и повеќе од 48 часа, а што според Ристески ќе биде доволно за поведување иницијатива за одземање на родителските права, а Министерството за внатрешни работи да поведе соодветна кривична пријава против несовесните родители, заради злоупотреба на децата и нивниот труд.

„Според тоа очекуваме дека оваа малку поригорозна мерка ќе продуцира зголемена одговорност и кај самите родители. Доколку таа не продуцира зголемена одговорност, децата ќе бидат одземени од тие несовесни родители и истите ќе бидат згрижени во згрижувачки семејства или во некоја од надлежните установи и потоа тие деца ќе поминат во грижа на државата. Така да практично ќе овозможиме еден вид посреќно детство и поправилен развој на сите овие деца“.

Според Министерството за труд и социјална политика во изминатите три години во Дневните центри за деца од улица во Скопје биле згрижени повеќе од 650 деца од цела Македонија. Во изминатата година против 119 лица биле превземени различни видови на мерки за намалување на малолетничката деликвенција, а биле поднесени 30 кривични и 42 прекршочни пријави. Во последната година биле одземени родителските права на две семејства, а биле одземени единаесет деца. Во изминатите неколку денови откако е интензивирана оваа активност, според министерот Ристески, за три семејства била покрената постапка за одземање на родителското право, а воедно биле згрижени уште три деца од улица од Скопје и седум деца од реонот на кумановско.

Се планира и отворање на Интревентен згрижувачки центар за деца во ризик

Покрај Транзитниот центар, Министерството за труд и социјална политика планира да отвори и Интервентен згрижувачки центар за деца во ризик кој ќе биде сместен во близина на Железничката и новата Автобуска станица, најави министерот Ристески. „Затоа што во нашите анализи се покажа дека ова е доста фрекфентно место на коешто се случуваше да лоцираме доаѓање на деца и од други градови, односно носење на деца од различни несовесни родители. Можеби со време ќе се покаже дека станува збор и за извесни организирани структури“.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Александра Трајковска