1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Санирање на штетите во американско-германските односи

Експертите се согласни дека аферата со НСА е катастрофална за односите меѓу САД и Германија. Двајца американски пратеници сега во Берлин се обидуваат да ја поправат штетата. Што е на нивната агенда?

Американско-германските односи значително се заладија последниве месеци. Како што покажаа откритијата на пребеганиот Едвард Сноуден, НСА шпионирала во Германија далеку повеќе отколку во која било друга европска земја. Дури и мобилниот телефон на канцеларката бил следен. Сето тоа и покрај рутинските тврдења на Барак Обама дека Германија е најблискиот американски сојузник.

Во обид да ја санираат штетата од кризата во односите, двајца американски претставници денеска (25.11) допатуваа во Берлин. Сенаторот Крис Марфи и конгресменот Грегори Микс ќе се сретнат со свои германски колеги во обид да изработат план за подобра контрола и соработка меѓу тајните служби на двете земји.

„Тоа е катастрофа“, накусо ги објаснува ефектите од скандалот со НСА врз односите на двете земји, Џејсон Хили од тинк-тенкот Атлантски совет. „Не гледам никаква волја во националната безбедносна агенција да се спроведат какви било реформи или ограничувања кои ќе бидат неопходни за европските сојузници, а особено Германија, да се чувствуваат покомфорно“, вели тој.

Jason Healey

Џејсон Хили

Европски театар

Наспроти острите реакции во Европа, во САД скандалот со прислушувањето на НСА не предизвика големо внимание во тамошните медиуми и во јавната дебата, вели Чарлс Купчан, професор на Универзитетот Џорџтаун и поранешен советник за национална безбедност на американскиот претседател.

„Од 11 септември наваму односот меѓу приватноста и безбедноста е ставен настрана. Борбата против тероризмот веројатно премногу ја засили разнузнавачката заедница“, вели Купчан. Според него, намалувањето на граѓанските права од име на борбата против тероризмот се граничи со параноја, но загриженоста во Европа ја смета за претерана.

„Мислам дека и во Европа се одвива одреден политички театар“, ги коментира Купчан реакциите во европските метрополи по откривањето на скандалот. Тој дополнува дека и европските земји профитираат од информациите кои протекуваат благодарение на скандалот.

Експертот Хили вели дека Европа треба да работи на тоа да не дојде до ескалација на кризата, а најлошото сценарио, според него, би било кога Американците би објавиле колку навистина европските земји соработувале со НСА. „Тоа ќе ја потресе европската политика“, смета Хили.

Купчан е убеден дека сепак нема да дојде до ескалација и дека последиците по меѓусебните односи ќе бидат минорни. „Кога ќе дојде до важни меѓународни прашања, првиот партнер кој САД го повикуваат е Европа. Тоа нема набрзо да се промени“, смета Купчан.

Германски сметки

Charles Kupchan

Чарлс Купчан

Некои американски претставници повикаа Германија да биде вклучена во ексклузивната разузнавачка алијанса „Пет очи“. Досега шпионскиот клуб го сочинуваа исклучиво земји од англиското говорно подрачје - САД, Велика Британија, Канада, Австралија и Нов Зеланд. Но и покрај сите притисоци во таа насока, кои доаѓаат и од Берлин, Хили смета дека би претставувало вистински „шок“ евентуалното вклучување на Германија во групата.

„Клубот 'Пет очи' се базира на 70-годишна длабока доверба, а Германија не е во позиција да преземе водечка улога во светските прашања. Доколку Берлин не сака да помогне во контролата врз светот, тогаш зошто би требало да се вклучува во клубот?“, вели Хили.

Во ваква атмосфера двајцата американски претставници доаѓаат во Берлин. Тоа ќе биде симболична посета, убав гест од еден „близок сојузник“ кон друг.