1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Санацијата на Ербас – работа на политиката

Коментар на Карл Завадски

default

По многу шпекулации, претпоставки, изјави на едни или други, најави за планови – главниот доби име „Сила 8„, но неговото соопштување беше одложено – сега санацијата на европскиот производител на авиони Ербас станува работа на шефовите на политичко ниво. Зашто во врска со затворањето фабрики, намалувањето работни места и концентрацијата на развојот и производството не избувна конфликт само меѓу деловите на фирмата во Франција и Германија, туку и меѓу владите.

Што ќе произлезе по денешната средба меѓу канцеларката Ангела Меркел и францускиот претседател Жак Ширак кои ќе се обидат да ја регулираат кризата на Ербас? Секако, политички компромис, што за европската фирма сигурно нема да биде најдоброто решение. Ербас и фирмата мајка ЕАДС немаат само технички проблем околу поставувањето на мрежата кабли во новиот авио-џин А 380, туку проблемот што се наоѓа зад тоа е што и натаму станува збор за политичка фирма. Ербас се роди од економски, структурни и технолошко-политички причини. Потоа беше запоставена и се престори во сосема нормална фирма. Но, кога стануваше збор за заладување, политиката постојано се јавуваше за збор. Така и сега, во ситуација во која претседателската изборна кампања во Франција влегува во завршната фаза. Притоа Ербас од многумина Французи се третира како француски „национален шампион„ во кој свое учество имаат Германија, Велика Британија и Шпанија и за кој испраќаат делови во Тулуз.

Тоа секако е груба грешка во проценката. Германија има еднаков удел како и Франција. Во Германија во најголемиот дел се одвиваат истражувањата и развојот, конструирањето и изработката. Затоа нема никаква причина стратегиски важните компетенции за планираниот авион-долгопругаш А 350 да се концентрираат во Франција. Врз тоа пропадна согласноста за итно неопходната програма за санација со звучно име „Сила 8„. Во Франција државата учествува директно во фирмата со 15 проценти, овде во Германија сојузот и покраините имаат само индиректно влијание.

Но, во тоа ништо нема да се промени: санацијата на Ербас е политика – како во Германија, така и во Франција. За способноста на фирмата во иднина тоа е фатално. Оттаму е потребно целиот концерн ЕАДС колку што е можно побргу да биде ослободен од политиката и да функционира како сосема нормално акционерско друштво според европското право. Најдобро би било и Франција, според германскиот пример, да го приватизира својот државен удел. Тогаш Ербас, поради својата големина и стратегиското значење и натаму ќе има врски со политиката, но барем ќе има шанса да го замени политичкиот компромис со економската реалност.

Карл Завадски