1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Студирање во Германија

Сам свој мајстор

Многу студенти немаат можност целото свое време да го посветат исклучиво на студирање – тие имаат деца или мора да работат. Како сепак студираат? Можно решение нудат студиите на далечина во Хаген.

default

Од дома до диплома

Екатерина Горлеченко работи во фирмата „SARIA Bio-Industries“ во близина на Хаген. Дваесет и тригодишната Русинка порано живеела и работела во Санкт Петерсбург и истовремено студирала во Хаген: „За време на целото студирање работев, во различни фирми во Санкт Петерсбург и не можев веднаш да дојдам тука и да студирам, на лице место.“

Во Хаген се наоѓаат најопсежните германски студии на далечина, односно писмени студии. Тука се запишани околу 50.000 студенти, секој десетти е од странство, од целиот свет. Голем број доаѓаат од Швајцарија, Австрија, Унгарија и Русија. Причина: кој сака тука да студира, мора добро да знае германски. Екатерина Горлеченко студирала економија и едно нешто посебно и‘ се допаднало: „Структурата на студиите е мошне едноставна. Тоа овозможува подобро да се распореди времето.“

Потребна е самодисциплина

Дел од материјалот за подготовка на испитите доаѓа преку пошта, дел преку интернет. Во меѓувреме и уписите, контактот со другите студенти или пријавите за испитите се одвиваат преку интернет. Се учи дома, со сопствениот компјутер, што бара голема дисциплина, објаснува Сузане Босемајер, претставник за печат при Универзитетот во Хаген: „Човек мора да биде мотивиран, мора да биде дисциплиниран и да има јасна цел пред очи. Во тој случај се‘ може да се оствари.“

Типично студентско секојдневие нема, додава Горлеченко: „Јас секогаш сама си одредував што е краткорочно на дневниот план. Имало фази кога по 5-6 часови работев за студиите, а имаше и недели кога ништо не работев, бидејќи морав да се концентрирам на работата во Санкт Петерсбург.“

На далечина, но не и осамени

Hörsaal an der Karlsruher Uni

Студирањето од дома понекогагаш има предност - се избегнуваат преполните предавални

Иако студиите се одвиваат на далечина, студентите не се сами во безвоздушниот простор, напоменува Босемајер: „Студентите имаат поддршка од своите колеги од студиите, работат во работни групи. И секој има ментор кој се грижи за него, на кој може да му се јави или да му испрати маил.“

Екатерина Горлеченко ги завршила своите студии и нашла работа во фирмата „SARIA Bio-Industries“. Нејзин совет: „Секој мора за себе јасно да одреди што му е цел и на што сака да се концентрира. Со таков план, се‘ може да се оствари.“

Дополнителни информации:

- Универзитетот на далечина Хаген не наплатува такса за студирање, а за ставање на материјалот на располагање се плаќа 20 евра по час, во тек на семестарот. Тоа чини во просек 350 евра за студентите кои студираат полно време и околу 200 евра за оние кои студираат само дел од времето.

- Може да се контактира и еден од центрите во странство, но тука се плаќа посебна такса (на пример во Австрија 85 евра, во Санкт Петерсбург 100 евра)

- На студентите кои студираат на далечина, во просек им треба 50 проценти повеќе време да ги завршат студиите отколку на оние кои редовно студираат на некој факултет.

Автор: Свења Инг / Ана Алибегова

Редактор: Александра Трајковска