1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Само уште малку трпение или!?

Политичката определба на ЕУ за членството на Македонија е јасна. Треба уште малку трпение е реакција на германските парламентарци - оптимисти, наспроти песимистите кои велат: ќе мора уште долго да се чека!

Заклучокот за Македонија и почетокот на пристапните преговори, политички Берлин го чита сосема различно. И тоа од оптимистичките тонови дека почетокот на пристапните преговори е практично на дофат и треба да се има уште малку трпение, до песимистичките: на датум ќе мора уште долго да се чека. Од свои добро информирани извори ДВ дознава дека Германија и група земји кои се традиционално ангажирани на Балканот од позадина прават многу  проширувањето да не сопре. И конкретно како велат, формулата за спорот околу името кој го сопира европскиот пат на Македонија најверојатно ќе биде дел од  пакетот отворени прашања, кои треба да се затворат при решавањето на грчката финансиска криза.

Политичките критериуми исполнети!

Jürgen Klimke, CDU, Mitglied des Bundestags

ЕУ и Германија не отстапуваат од проширувањето! Јирген Климке (ЦДУ)

„Европската унија не отстапува од натамошното проширување. Заклучоците од вторникот се само една меѓустаница. И за заседанието на Европскиот совет нема формален заклучок дека процесот на проширувањето ќе се забави или сопре. Напротив, Германија, како повеќепати е кажано го подржува проширувањето со земјите од Западниот Балкан и Македонија треба да има до пролетоска уште малку трпение“, изјави за ДВ Јирген Климке, пратеник на ЦДУ/ЦСУ и член на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот.

Оптимист е и либералот Рајнер Штинер, кој вели дека во заклучоците кои се подготвени за Европскиот совет (вкупно пет, од 38 до 42)  јасно „се потврдува дека Македонија е подготвена и ги исполнила политичките критериуми за да оди напред. Значи, политичката определба е јасна. Во членот 42, пак, се вели дека датумот за преговорите би се одредил во пролетта 2013, врз основа на видувањата на Европската комисија“, наведува Штинер потсетувајќи дека потенцијалните кандидати, за разлика од порано, сега се оценуваат многу построго.

Rainer Stinner Bundestag Berlin

Јасно е кажано дека политичките критериуми се исполнет. Рајнер Штинер

„Можеби не е фер, но животот е таков -  не е секогаш фер! Популарноста на проширувањето во Германија и Европа не е посебно голема, затоа мора да внимаваме да се исполнат критетриумите. На ова земјите кандидати, меѓу кои е и Македонија веројатно гледаат како на неправда, но таква е реалноста и ова отворено го кажувам“, коментира Рајнер Штинер.

Чекање на подолг рок?!

„Македонија која е кандидат за членство од 2005 ќе мора и натаму да чека. Со тоа што не е посочен термин за почеток на пристапните преговори, значи дека остануваат предусловите: расчистување на спорот околу името со Грција и надминување на затегнатостите со Бугарија. Во ЕУ го имаме принципот на консензус и само кога сите 27 земји дадат согласност ќе се отворат пристапните преговори со Македонија. И сега не е една, туку две земји кои тоа го попречуваат“,  е реакцијата на Гернот Ерлер, заменик претседавач на пратеничката група на социјалдемократите во германскиот Бундестаг. 

Gernot Erler

Ако нема подобрување во односите со соседите, Македонија ќе мора да чека уште долго. Гернот Ерлер

Според него недоделувањето датум за старт на пристапните преговори и по четвртата позитивна препорака од страна на комисијата „е укажување до македонското раководство дека се’ не оди посебно добро во Македонија“. Ерлер подвлекува дека во Македонија има критичко расположение кон Бугарија, а расправата околу здружението „Ратко“ се’ уште не е завршена и завршницата ќе ја има пред Европскиот суд. Тоа се работи кои можело да се одбегнат.

„Сигналот кој доаѓа од ЕУ е јасен: доколку нема подобрување во односите со двете соседни држави, веројатно Македонија ќе мора подолго да чека“, вели Ерлер кој е песимист и кога генерално станува збор за продолжување на проширувањето.
„Времето за тоа за жал е многу лошо! Европејците, па и Германија целосно се преокупирани со евро-кризата и обидите да се спаси Грција, така што никој нема голем интерес брзо да се чекори напред во проширувањето. Се забележува дека токму Берлин, односно германската влада и’ се погрижи и Србија да не добие датум  додека работите со Косово не тргнат нанапред. Европскиот совет за ова ќе ги чека наредните извештаи на Комисијата за развојот на состојбата во Србија. Значи, се гледа дека времето за натамошните интеграции се многу лоши. Останува да се надеваме дека најмалку процесот на ратификација за приемот на Хрватска ќе биде успешен. Во 16 земји  ратификацијата е завршена, но во Германија ова се’ уште не направено“, изјави во разговор за ДВ социјалдемократот Гернот Ерлер.

Поврзана содржина