1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Само идеалисти се грижат за атомската безбедност

Меѓународната агенција за атомска енергија во моментов надгледува околу 1.100 атомски постројки ширум светот. Сепак, постојаниот недостиг на парични средства ја загрозува нејзината ефикасност.

default

Пристапот до одделот каде работат атомските контролори, кои носат проби и мерења од атомски постројки од целиот свет, е најстрого забранет. Ако сакате да влезете овде, мора прво да се најавите, потоа доаѓа надлежно лице кое ги отвора високо обезбедените порти. Инспекторите имаат забрана да говорат за она што го работат.

Но, оние кои ги обучуваат немаат забрана: Жан Морис Крете е нуклеарен физичар и со години работел на една атомска подморница на француската армија. Тој има големи знаења за како за реакторите, така и за атомското оружје. Исто така, знае што ги очекува контролорите кога, сосема сами, некаде во Азија или Јужна Америка мораат да ги довлечкаат нивните тешки инструменти во некоја атомска постројка за да монтираат камери за надгледување, под скептичните погледни на локалните инженери.

„Како прво, ви треба добра факултетска диплома. Исто така, мора да имате најмалку петгодишно искуство во областа на атомската енергија. Овде се вработуваат луѓе од сите возрасни групи. Ни требаат експерти за реактори, стручни лица за облагородување на горивни елементи. Ни требаат, пред се`, луѓе кои можат самостојно да работат, што не секогаш е едноставно. Исто така многу е битна и способноста за комуницирање со луѓето.“

Буџет колку половина воен авион

Österreich Iran Atom IAEA El Baradei warnt

Борбениот Барадеи ја напушта МААЕ по 12 години

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) е задолжена од Обединетите нации да ја надгледува глобалната атомска безбедност, особено придржувањето кон договорот за неширење на атомското оружје. Во кризни ситуациии, таа често се наоѓа во фокусот на светската јавност. Така е и овојпат: со големо нетрпение се очекува седницата на Советот на гувернерите на Меѓународната агенција за атомска енергија, што денеска (07.09.2009) се одржува во Виена. На дневниот ред се атомските програми на Иран и Северна Кореја.

Во моментов скоро триста контролори надгледуваат 1.100 атомски постројки ширум светот. Сите се жалат дека имаат проблеми со обновување на кадарот - млади атомски физичари се реткост, а и повеќе заработуваат во индустријата. Во Меѓународната организација за атомска енергија доаѓаат само вистински идеалисти, вели Жан Морис Крете. Буџетот на неговиот оддел изнесува колку половина од цената на еден воен авион. Автоматски се поставува прашањето, дали на мирот во светот повеќе му користи еден воен авион или макотрпната работа на инспекторите на Меѓународната организација за атомска енергија?

Без пари - нема безбедност

Проблемите со финансиските средства не се намалија ни по доделувањето на Нобеловата награда за мир на оваа организација во 2005 година. Тоа беше најголемиот триумф за

Iran Atomstreit - Iranische Atomanlage Buschehr

Контролорите најчесто мораат сами да ги посетуваат атомските постројки

генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Мохамед Ел Барадеи, и своевидна награда за тоа што упорно ги демантираше тврдењата на американскиот претседател Џорџ Буш дека Ирак поседува оружје за масовно уништување. Барадеи е правник по потекло од Египет и во ноември ќе го напушти директорското место во организацијата по цели дванаесет години.

Пред да си замине, Барадеи уште еднаш предупредува дека не треба да се допушти агенцијата да ослаби. Неа итно и` се потребни осумдесет милиони евра за да се извршат само најважните санирања на зградата и да се привлечат нови кадри за се’ потешките задачи.

Барадеи, како секогаш, со драстични зборови ги опишува опасностите, секогаш со борбена енергија: „Нашата способност да одржуваме независен систем за надгледување и со тоа да откриваме нелегална употреба на нуклеарниот материјал, или, пак, недекларирана нуклеарна активност, е веќе загрозена. Ако и понатаму работиме со толку малку пари и персонал, ќе се зголемува ризикот радиокативен материјал да стигне до рацете на терористите, кои би можеле да го искористат за терористички напади. На МААЕ и` требаат доволно средства за да може ефикасно да придонесе за неширењето на атомското оружје, за атомска безбедност и намалувањето на сиромаштијата, гладот и болестите во светот.“

Автор: Еберхард Нембах / Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска