1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Само дома си е дома

Дури 90 проценти од македонските гастарбајтери во Германија по пензионирањето одлучиле да се вратат на родните огништа кај фамилијата. Велат дека во Македонија им е најубаво, а живеачката поевтина.

default

Согласно договорот меѓу Фондот за ПИОМ на Македонија и Фондот за пензиско осигурување на Германија, влезен во сила од 1 јануари 2005 година „најголем дел, дури 90% од македонските државјани кои како гастарбајтери работеле во Германија, со пензионирањето станале повратници во родната Македонија каде и ја примаат својата пензија“, потенцира за ДВ, Нигер Тоска од ПИОМ. Само мал дел - 10 % и по пензионирањето останале во Германија.

Животот во Македонија ни е многу поубав и поевтин

Еден од нив е 70-годишниот Симон Арсовски од Велес, родум од велешкото село Ореше. Тој веќе десет години е пензионер, повратник од Германија, а живее со семејството во новоизградена трикатна куќа во Велес. Вели дека му е најубаво дома со семејството, кое по долгите и осамени години во туѓина за него е најголемата среќа, а тоа и било и пресудно да се врати дома.

Simon Arsovski

Симон Арсовски во дворот на својата куќа во Велес

„Со пензијата можам убаво да живеам во Македонија, бидејќи тука се‘ е многу поевтино од Германија, а таму морам да плаќам плус и кирија, а и давачките за струја, вода и останато, се многу поголеми. Исто така му здодеа и постојано да патувам илјадници километри од Велес за Германија. Цело лето со сопругата Велика престојуваме во куќата во родното Ореше, а таму, високо во планината, е многу попријатно, посебно ноќе во овие претопли летни денови и ноќи“, појаснува задоволно Симон.

Simon Arsovski

Симон вели дека во Германија добро си поминал, но сепак се вратил кај семејството

Се присетува дека во Германија заминал во мај 1969 година, преку Бирото за вработување, со двајца свои другари од селото. Таму се сместиле, вработиле и живеле во градот Аусбург, во покраината Баварија.

„Работев една од најтешките работи, фасадер гипсер, работата ми беше напорна, но морав да работам и заработам. Во Германија ние Македонците сме почитувани како вредни работници, јас убаво си поминав, а имам и многу добри пријатели - Германци. Но тоа што семејството ми беше во Македонија сепак беше одлучувачко по пензионирањето да се вратам дома, каде ми е најубаво, зошто сепак - дома си е дома“, заклучува Симон.

Еднаш годишно во Германија

Туран и Емка Јашарови од Велес се пензионери, повратници гастајбајтери од Германија. Веќе десет години живеат во голема и убава петкатна куќа што ја спечалиле со напорна работа во Германија. Куќата е во месноста Којник, високо над градот, од каде од балконот на петтиот кат се пружа прекрасна панорамска слика на Велес. Таму тие најчесто седат, пијат кафе и уживаат. Велат се вратиле во родниот Велес и Македонија и дека тука им е најубаво и само тука се среќни.

„Имаме многу пријатели и убаво ни е тука, а и животот тука е многу поевтин. Посебно што климата поволно делува на моето нарушено здравје“, потенцира

Symbolbild Mazedonien Karte

Деведесет проценти од гастарбајтерите се враќаат во Македонија по пензионирањето

Туран. Двајцата во Германија заминале во 1973 година и напорно работеле и по три работи само да спечалат. Во пензија заминале помлади, со 52 и 53 години, со инвалидска пензија. „Десет години сме пензионери и животот во Македонија ни е преубав, но еднаш годишно сепак одиме во Германија, зошто таму ни е синот со семејството, а таму се и моите двајца браќа и двете сестри со семејствата и мајка ми“, вели Туран. „Сега на одмор во Велес ни дојдоа синот, снаата и внуците и ние сме пресреќни што сме заедно. Тука во Македонија е топло и сончево, а во Германија од честите дождови не болеа коските. Со здравственото осигурување од Германија во Македонија добиваме секаков вид здравствени услуги и задоволни сме“, ни вели Емке.

Вакви и слични приказни имаат уште многу македонски гастарбајтери кои мирните пензионерските денови ги поминуваат дома, во топлата и сончева Македонија. Велат дека имаат две татковини - Македонија во која се родени и Германија во која ја поминале младоста и зрелоста, која им овозможила работа и пристоен живот, а сега и пензија. Но сепак, како што велат, најубаво им е во Македонија, зошто само дома си е дома, покрај родното огниште, со семејството.

Поврзана содржина