1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Самохраните мајки едвај составуваат крај со крај

350 жени во Прилеп имаат статус на самохрани мајки. Во Центарот за социјални работи оваа категорија ја сметаат за една од најзагрозените, бидејќи најголемиот дел од самохраните мајки се без работа.

default

Благица Младеноска е жена на 40 години. Наутро, пред изгрејсонце, околу пет часот, излегува од дома, ја зема метлата со долга дрвена рачка и металната количка и започнува да ги мете прилепските улици. Нејзин реон е центарот на градот. Го мете она што луѓето преку ноќта го исфрлиле. Завиткана во сина јакна од шушкавец, која не може да остане чиста кога се работи ваква работа, со капче на кое стои името на претседателот Ѓорге Иванов, се штити од студот. Една е од само двете жени метачки во градот. Така и‘ поминува половина од денот, нејзиното работно место се прилепските улици. Попладнето го минува на друго, седнува пред микрофонот на локалното ромско радио „Тернипе“, ја води програма и подготвува вести. Ни едното ни другото не го работи од задоволство, единствено да се обезбеди егзистенција и да ги прехрани двете полнолетни деца.

Вкупно работам единаесет работни саати. Преку проектов каде што сум ангажирана имам слободен ден само во недела, а во радиото немам ниту еден, вели Благица. Примам околу десет илјади денари, но сепак од работата не се жалам, но работата ни е малку платена.

Благица е самохрана мајка на две полнолетни деца, мајчина љубов е она што и‘ ја ублажува болката во грбот кога ќе се свитка од ишијасот или товарот на животот, кога ќе ја заболат потсмешливите погледи на прилепските минувачи. И работата како метач, која е шестмесечен проект, ја добила со судни маки.

„Не би рекла дека ја добив на лесен начи, самата се изборив да ја добијам, но ја работам на чесен начин, го вадам парчето леб.“

BDT Muttertag

Самохраните мајки-најзагрозена категорија

350 жени во Прилеп имаат статус на самохрани мајки. Бројот на разводите од година во година е во постојан подем, така што и бројката на оваа категорија станува се‘ поголема. Во Центарот за социјални работи оваа категорија ја сметаат за една од нјазагрозените, бидејќи најголемиот дел од самохраниоте мајки се без работа. Тешко ја наоѓаат или пак им се нуди онаа што другите не би ја прифатиле.

Кристина Најдоска за работата како шанкерка во една од прилепските обложувалници чекала пет години. Се грижи за две малолетни деца со плата од шест илјади денари. Доколку не и‘ помагаат родителите, би останала на улица.

„Овие средства не се доволни, ако немам помош од родителите, ништо нема да направа, имав среќа што имав каде да се сместам“, вели Кристина.

Prilep Marktplatz, Mazedonien

Прилеп-ниту еден стан за самохрани мајки

Постојана парична помош од три илјади, плус илјада денари за секое дете, добиваат само самохраните мајки кои имаат малолетни деца до три години, потоа се третираат како останатите социјални случаи, истакнува Снежана Јованоска, директор на Центарот за социјални работи.

Самохраните мајки користат детски додаток и здравствена заштита. Кај самохраните мајки кои се разведени, додатокот кој го добиваат за издршка од поранешните брачни другари не влегува во приходот за добивање социјална помош, што е поволност која е предвидена со новиот закон.

Работа преку проект, а потоа?

Една од владините мерки за работно ангажирање на самохраните мајки е шестемечни субвеници за работодавачите. По истекот на овој рок тие се задолжени да ги задржат вработените уште осумнаесет месеци, но само дел од самохраните мајки најдоа работа на ваков начин, а дел пак работодавачи само ги искористија парите од државата.

Во Прилеп досега нема изградено ниту еден стан за самохрани мајки, за најголемиот дел од нив ова е и најголемиот проблем.

Проектот со кој Благица Младеноска, новинарката од „Радио Тернипе“, е ангажирана како уличен метач, трае исто така шест месеци, по ова повторно ќе работи само во радиото, за три и пол илјади денари, без платени придонеси и без еден слободен работен ден во неделата.

Автор: Златка Пурковиќ

Редактор: Жана Ацеска