1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Самоуверениот Ердоган ја пречекува Меркел

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска и утре е во посета на Турција. Таа прво ќе ги посети германските војници кои се дел од НАТО-мисијата со Патриот-ракети за заштита на Турција од евентуални сириски напади.

Турција долго време беше нарекувана „болниот на Босфор“. Но таа одамна веќе не е тоа. Со оглед на економските успеси и растечкото меѓународно и дипломатско значење на земјата, канцеларката Ангела Меркел во Анкара утре (25.02) ќе биде пречекана од еден турски премиер кој е се‘ посамоуверен во настапот. Ваквиот став на Реџеп Таип Ердоган веројатно уште повеќе се засили со изјавата на еврокомесарот за енергија Гинтер Етингер, дадена неодамна, дека Германија и Франција во наредната деценија ќе ја „молат на колена“ Турција да пристапи во ЕУ.

Помалку патетично, но во иста насока, е и изјавата на политичарот на Христијанско-демократската унија Рупрехт Поленц, кој претседава со Комисијата за надворешна политика на Бундестагот и кој побара отворање ново поглавје во преговорите со Турција за приклучување кон ЕУ и покрај досегашната блокада на Кипар, за „на двете страни да им се овозможи систематска дискусија“. Турција досега отфрла царинска унија со десетте земји кои последни и‘ се приклучија на ЕУ, меѓу кои е и Република Кипар, која не е призната од страна на Турција. Тоа би значело кипарски бродови и авиони непречено да можат да се упатуваат кон турските пристаништа, а Анкара на такво нешто се‘ уште не е подготвена. Турците се особено лути поради тоа што досега во рамки на преговорите за приклучување кон ЕУ, почнати во 2005 година, се отворени само 13 од 35-те поглавја, а затворено е единствено поглавјето Наука и истражувања.

Symbolbild EU Türkei Flagge

Од 35 поглавја во преговорите со ЕУ досега се отворени само 13

Од друга страна пак, зголеменото геостратешко значење на Турција на крстосницата меѓу Европа, Блискиот Исток и Азија, придружено со економските стапки на пораст за кои ЕУ-земјите сонуваат, е причина за зголемената турска самоувереност. Иако огромниот пораст од 9,2% во 2010-та и 8,5% во 2011 година, минатата година се намали на под 4%, еврокризата и сирискиот конфликт не предизвикаа трајни штети за турската економија.

Тешко дека Меркел ќе се откаже од нејзниот став за привилегирано партнерство како алтернатива за ЕУ-приклучување на Турција, но во турските и во германските дипломатски кругови се сметаат за можни „позитивни сигнали“.

Спорни теми - визите и двојното државјанство

Турците многу повеќе од процедурата за приклучување во ЕУ сега се заинтересирани за тешките теми - визи и двојно државјанство. Со големо нетрпение се очекуваат изјавите на Меркел околу овие две спорни прашања. Германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих во текот на разговорите во Турција пред околу две недели категорично отфрли можност за ослободување од обврската за визи за турските државјани кои патуваат за Германија.

Deutschland Türkei Festakt zu 50 Jahre deutsch-türkisches Anwerbeabkommen Merkel und Erdogan

Што ќе каже Меркел по разговорите со Ердоган околу визниот режим и двојното државјнаство?

И можноста Турците кои живеат во Германија да имаат право на два пасоша е тешко веројатна. Набљудувачите сметаат дека ова прашање нема да биде тема на разговорите на Меркел во Анкара. Ердоган на крајот на октомври во Берлин изненади со своето барање до сонародниците кои живеат во Германија да направат поголем напор за интегрирање и да ја запознаат подлабоко германската култура, на пример преку Гете и Кант. Претходно, Ердоган жестоко ја критикуваше политиката на интеграција на Германија и предупреди дека луѓето „се асимилираат“ што е „злосторство против човештвото“.

Потесна соработка во одбраната од тероризам

Важно прашање во германско-турските односи е и заедничкиот настап против верскиот и политички мотивиран екстремизам, како и меѓународниот тероризам. Од германски безбедносни кругови се вели дека соработката во основа не е лоша, но има потреба од подобрување.

Во сферата на економските однсои нема посебни проблеми. За соработката, на пример во енергетскиот сектор и напорите за надградба на билатералната трговија и трансфер на технологии, утре ќе се разговара и на германско-турскиот економски форум во Анкара.