1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Самоубиство како „игра“ за деца

На 12 февруари се одбележува светскиот ден за борба против ангажирање на деца-војници. Најужасниот облик на оваа злоупотреба е во Авганистан, каде талибанците тераат деца на самоубиствен поход.

Насибулах тогаш имаше девет години. И покрај тоа, по волја на Талибанците неговиот живот требаше да заврши, уште пред вистински да почне. Тој си играше покрај поток во родниот град Кандахар во Јужен Авганистан, кога го киднапираа група мажи. Го однеле на непознато место, го држеле затворен и му го „переле мозокот“. Така наречените „Божји војници“ од него сакаа да создадат атентатор самоубиец, кој ќе умре за нивната војна. „Ми врзаа бомба и ме уверуваа дека е играчка. ’Штом ќе видиш војник, можеш да ги поврзеш каблите’, ми велеа“.

Со играчки и ветувања, најчесто пари тие ги привлекуваат децата. Насибулах имаше среќа – прво не видел војници, туку полицајци и второ, некако сфатил дека не треба да ги спои жиците кои би предизвикале експлозија.

Afghanistan Entführungsopfer Nasibullah

Насибулах е кај својата фамилија

Нова шанса

Наместо тоа, полицајците го зграпчиле момчето, му го симнале опасниот товар и го однеле на сосема друг крај од Авганистан. Поминале дваесетина дена додека службениците да го најдат неговиот татко, кој и самиот си го барал синот.

Насибулах можел да се врати кај семејството дома, но други авганистански деца, кои исто така биле одбрани да си го жртвуваат животот, завршиле во затвори. Обично тие не биле киднапирани, туку наводно „доброволно“ одлучиле да умрат. Летото 2011-та, претседателот Хамид Карзаи ослободи повеќе деца и младинци, кои биле уапсени поради обиди за самоубиствени бомбашки акции.

А, децата се користени во борбите уште во војната против Советскиот Совет, со цел „учество во џихад“. Но, самоубиствените напади се новина и имаат за цел да ги шокираат војниците дека и дете може да биде бомбаш-самоубиец.

Сиромаштијата им помага на Талибанците

Afghanistan Hamid Karzai lässt inhaftierte Kinder frei

Претседателот Хамид Карзаи ослободи од затвор деца обвинети за спроведување самоубиствени напади

Сиромаштијата е фактор што им помага на Талибанците во суровото регрутирање на малолетници како бомбаши-самоубијци. Практично, децата се заслепуваат со ветувања за големи суми на пари како плата за нивната мисија. Тие немаат претстава за смртоносните последници од нивните дела за себе и останатите, вели Азизудин Хемат, шеф на одделот за ментално здравје во локалната болница во Кабул. Тој укажува на уште еден фактор.

„Децата кои одлучуваат да умрат како бомбаши-самоубијци се израснати во строго религиозни фамилии. Од најраното детство се охрабрувани да се молат и да почитуваат верски ритуали. Полесно е да се регрутираат ваквите деца“, забележува докторот Хемат.

Срамежливиот Насибулах не сакаше да умре. Сакаше да си оди кај семејството. Неговиот татко се надева дека безбедноста во Кандахар ќе се подобри, бидејќи не може своите деца да ги заштити, така што ќе ги држи затворени во кафез.

Автор: Васлат Хасрат – Назими/ Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска