1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Самоопределување“ повикува на протести, Тачи добива поддршка

Косовското движење „Самоопределување“ и за денеска најави протести против полициското насилство на демонстрациите во Приштина против дијалогот со Србија.

„Протестираме против владиното насилство чиј извор е стравот на една каста дојдена на власт со украдени гласови, која на илјада начини ја злоупотреби таа власт“, се вели во прогласот на „Самоопределување“ со кој ги повикува граѓаните денеска (23.10) на повторни демонтрации поради дијалогот со Србија и секојдневното осиромашување на Косово.

Вкупно 33 лица се уапсени вчера во Приштина за време на протестите што ги организираше „Самоопределување“ поради средбата на премиерите на Србија и Косово во Брисел. Активистите на „Самоопределување“, предводени од претседателот на движењето Албин Курти, протестите ги започнаа изутрината поради средбата на косовскиот премиер Хачим Тачи со српскиот премиер Ивица Дачиќ на 19 октомври во Брисел.

Непосредно по почетокот на протестот, активистите на „Самоопределување“ започнале да фрлаат камења врз полицијата, на што припадниците на силите за безбедност употребиле солзавец. Во судирите биле повредени 18 полицајци и четворица демонстранти. Како што пренесоа српските медиуми, демонстрантите истакнале пароли со написи „Нема преговори со Србија“ и „Обединување со Албанија, а не договор со Србија“. Приведени биле 58 демонстранти.

Тачи доби поддршка за средбата со Дачиќ

Kosovo Premierminister Hashim Thaci

Хашим Тачи

Косовскиот премиер Хашим Тачи пак, вчера ги информирал за средбата со српскиот премиер Ивица Дачиќ косовската претседателка Атифете Јахјага, владата, претседателот на најголемата опозициона партија, Демократскиот сојуз на Косово, Иса Мустафа и претседателот на Алијансата на иднината на Косово Блерим Шаља.

Јахјага дијалогот со Белград, со посредство на ЕУ, го оценила како „најдобар начин и единствена можност за нормализација на односите меѓу Косово и Србија како две суверени и соседни држави со лошо минато“.

Синоќа и претседателството на владејачката Демократска партија на Косово му дал едногласна поддршка на состанокот на косовскиот и на српскиот премиер.