1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Самит на претседатели на ЈИЕ во Цетиње

Самитот на земјите од Југоисточна Европа „Унапредување на културните разновидности и промоција во туристички цели“ се одржува во зградата на музејот на Цетиње „Владин дом“.

default

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, денеска (04.06.2009) на колегите од регионот им порача дека одржувањето на Регионалниот самит во Цетиње јасно и недвосмислено ја покажува „заедничката подготвеност, земјите на ЈИЕ меѓусебно да соработуваат во рамките на УНЕСКО, Европската унија, Советот на Европа и воопшто како земји - соседи кои работат на афирмација на заедничкиот карактер на европските вредности, но, во исто време, и зачувување на разнообразноста што ја карактеризира Европа, но и секоја нација и држава како посебна целина„.

На самитот учествуваат претседателите на Црна Гора, Филип Вујановиќ, на Словенија, Данило Тирк, на Хрватска, Стипе Месиќ, на Србија, Борис Тадиќ, на Бугарија, Георги Прванов, на Албанија, Бамир Топи, претседавачот на Претседателството на БИХ Небојша Радмановиќ, генералниот секретар на Советот на Европа Тери Дејвис и генералниот директор на УНЕСКО Коичиро Мацура, кои се и покровители на овој регионално исклучително значаен политички настан.

Отворајќи го самитот претседателот Вујановиќ истакна дека дијалогот на културите и цивилизациите ја има отворената континуирана и несебична поддршка од претседателите на државите од овој регион на Европа: „Поаѓајќи од идејата на мултикултурализам се состанавме овде

SOE Präsidenten Gipfel

да ги поддржиме културните разноликости и да го афирмираме културното наследство, кои непосредно придонесуваат за економскиот развој на земјите, сочинувајќи вредна содржина на туристичката понуда“, рече Вујановиќ.

Културата - важен извозен сегмент

Говорејќи за културата и културното наследство како поле за зближување на народите, македонскиот претседателот Иванов потенцираше дека досегашните регионални средби инспирираат и даваат нови можности да се реализираат низа убави настани во регионот во сите области, особено во доменот на културата и културното наследство. „Токму културата е можеби еден од најважните експортни продукти на нашите држави, сегмент кој љубоморно го чува идентитетот на нацијата и овозможува жива и интензивна комуникација, размена на искуства, афирмирање на културните вредности со другите држави, но, воедно претставува и можност за воспоставување билатерални договори и програми за пронаоѓање нови ресурси за финансиска и техничка поддршка на нашите проекти и иницијативи“, оцени Иванов.

Тој уште еднаш ја афирмира благородната иницијатива на претседателот Борис Трајковски, кој во 2003 година во Охрид го почна регионалниот детант со организирањето на првиот регионален самит „Дијалог на цивилизациите“, кој потоа од година во година се пренесуваше во Тирана, Варна, Опатија, Букурешт-Сибиу, Атина и сега во Цетиње. Иванов ги информира колегите за одржување на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, која ќе се одржи во Охрид во 2010 година.

SOE Präsidenten Gipfel

„Одржувањето на оваа Конференција е резулатат на успешната реализација на првата која се реализира во рамките на Декадите на ООН и УНЕСКО ’Декада за дијалог помеѓу цивилизациите’ и ’Декада за култура на мирот’“, истакна Иванов.

На крајот од говорот македонскиот претседател рече дека сака да ја изрази својата верба оти со јакнењето на нивната заедничка соработка и поддршката од страна на УНЕСКО, ЕУ и СЕ ќе ги имплементира нивните одлуки донесени на овие значајни средби и ќе успеат на идните генерации во Регионот да им остават перспективна иднина која ќе се базира на заемната толеранција, воспоставен дијалог и почитувањето на културните разлики кои се од особено значење за зачувување на културните вредности и идентитет на народите во регионот и пошироко.

На една маса е полесно да се разговара

Инаку, самиот на Цетиње ги седна на една маса претседателите на Словенија и Хрватска, Данило Тирк и Стипе Месиќ, кои имаат сериозен граничен спор, што ги обремени нивните меѓусоседски односи и го успори патот на Хрватска кон ЕУ. Самитот ја предизвика и реакцијата на партиите на Албанците во Црна Гора, кои ја осудија одлуката на претседателот Вујановиќ на овој регионален собир да не го повика претседателот на Косово Фатмир Сејдиу. Шансата ја искористи претседателот на Албанија Бамир Топи, кој на сите лидери им порача дека треба да се респектираат политичките реалности, каква што е Република Косово која е „добар пример за почитување на културното наследство“.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска