1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Самит на новите светски џинови

Во Дурбан почна самитот на таканаречените БРИКС-држави. Шефовите на држави или влади на Бразил, Русија, Индија, Кина и ЈАР имаат намера да ги постават насоките за поголема економска независност од ММФ и Светската банка.

Во државите на групата БРИКС живее околу 44 проценти на светското население. Нивниот удел во светскиот економски учинок сега изнесува околу 25 проценти, а до 2040 година би можел да се зголеми на 40 проценти. БРИКС-државите се истовремено и партнери и конкуренти во борбата за суровини и за глобалните пазари. Тоа не се гледа на ништо друго толку јасно како на примерот на трката на Кина и Индија во Африка.

Бројките се повеќе од впечатливи. Трговијата меѓу Кина и Јужноафриканската Република (ЈАР) во последните 15 години од 1,5 милијарди долари се зголемила на 60 милијарди. Тука треба да се додадат огромните кинески инвестиции во висина од 10 милијaрди долари. ЈАР е најголемиот партнер на Кина на африканскиот континент.

Со својот првокласен банкарски и финансиски систем и одличната инфраструктура ЈАР за владата во Пекинг е идеaлна порта кон континентот кој доживува бум - Африка. Освен тоа, ангажманот на Кина во Африка постојано се зголемува. Дел од него се трговскиот волумен изнесува 100 милијарди долари, гигантските инфраструктурни мерки и програмите на стипендирање.

Индија е најголемиот конкурент на Кина

Кина се‘ уште води во Африка, но Индија и‘ се приближува. Таа има трговски волумен од 33 милијaрди долари. До 2015 година тој треба да се зголеми на 90 милијарди. Кога индискиот премиер Манмохан Синг минатата година најави „нова ера во африканско-индиските односи“, не можеше да се воздржи да не го „чепне“ конкурентот Кина. Според Синг, неговата земја има намера да вработува локална работна сила, што беше суптилно укажување на кинеската практика да се вработуваат кинески работници во Африка. Претходно и тогашниот бразилски претседател Лула да Силва „свиреше во исто свирче“ со Синг - неговата земја не сака да настапува во Африка како „хегемонијална сила, туку како партнер“.

Околу кинеската политика во Африка почна да се слуша критика и на црниот континент. На почетокот на март шефот на Централната банка на Нигерија Ламидо Сануси за „Фајненшл Тајмс“ изјави дека Кина во меѓувреме придонесува многу за „деиндустријализација на Африка и недоволен развој“. „Тоа беше есенцијалното на колонијализмот. Африка во моментов доброволно се отвора за нова форма на империјализам“, рече Сануси, кој побара африканската „романса“ со Кина да „биде заменета со чисто економско калкулирање“.

Со оглед на зголемувањето на критичките тонови Пекинг се ангажира повеќе за позитивен имиџ на својот ангажман во Африка. Кинескиот амбасадор Тијан Шуејун во гостински текст за јужноафриканскиот весник „Њу Ејџ“ призна дека има некои проблеми со порастот, но нагласи дека кинеско-африканскиот однос треба да се третира „објективно“, затоа што Африка „самата може да ги избира“ своите партнери за развој.

Економистите од Јужноафриканската Република овие денови предупредуваат дека постои нездрав трговски биланс. Кинезите експлоатираат суровини во Африка, тие потоа се преработуваат во Кина и готовите производи на крајот се продаваат во ЈАР. Таквиот круг води до неодмерен биланс.