1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Самит на НАТО: Германија понуди нов концепт за Авганистан

Самитот што започна синоќа во Рига требаше да се занимава со иднината на НАТО, но се наметна суровата сегашност во Авганистан

Јап де Хоп Шефер, генерален секретар на НАТО

Јап де Хоп Шефер, генерален секретар на НАТО

“Напад врз еден од нас е напад врз сите” – рече американскиот претседател Џорџ Буш имајќи ја пред вид ситуацијата во Авганистан. САД, Велика Британија и Канада упатија апел до партнерите во НАТО да го укинат територијалното ограничување на ангажманот на нивните војници во земјата под Хиндукуш. Тие три држави даваат околу една третина од вкупно 32 илјади војници од таму стационираните трупи на НАТО и токму нивните војници се ангажирани на југ. Таму, пак, ситуацијата значително се заостри во изминатите месеци. Сега соодветно на тоа расте притисокот врз оние земји чии мандати се ограничени врз помалку чувствителни подрачја.

"За да бидеме успешни во Авганистан, партнерите од НАТО мораат да ги стават на располагање трупите што ги бара командантот на НАТО. И другите земји мораат да прифатат тешки мисии, ако сакаме таму да ја исполниме целта” – рече Џорџ Буш. Слично се искажа и генералниот секретар на Алијансата Јап де Хоп Шефер: “Не е прифатливо и натаму да недостасуваат 20 проценти од потребните војници за нашата мисија на југот. Повеќе пати нагласив и го правам тоа и овде, дека националните ограничувања влијаат врз флексибилноста на еден врховен командант и ја поткопуваат ефикасноста на НАТО”.

Таа критика е насочена и спрема Германија, чија област на дејствување е ограничена на помирниот север на земјата. Канцеларот Ангела Меркел повеќе пати изјави дека нема да се согласи со проширување на мандатот на Бундесверот. Но, германските војници можат во итни случаи привремено и во ограничен обем да бидат испратени и во други делови на земјата, при што станува збор претежно за логистичка подршка.

Од агол на гледање на германската влада чисто војнички приод не е трајно решение за Авганистан. На заедничката вечера синоќа Меркел се заложи за концепт кој тежиште става врз обновата и подобра воено-цивилна соработка. Тој приод, според германскиот министер за одбрана Франц-Јозеф Јунг, треба да влезе и во заедничката изјава од самитот: “Се надевам и посакувам да можеме да договориме за таква стратегија оти верувам дека само така можеме да бидеме успешни. Во Авганистан или кај другите операции, на Косово исто така веќе се движиме во таа насока. Мислам дека само така ќе можеме да гарантираме самоодржлива стабилност”.

За таа цел би требало да биде востановена Контакт-група на НАТО, која ќе ја помага обновата на земјата. Во неа треба да бидат застапени земјите кои даваат трупи за Авганистан, како и држави од тој регион и меѓународни организации.