1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Самит Кина – Русија: пари и стратешки интереси

Стратешките интереси, но исто толку и економската соработка (кои најчесто се меѓусебно поврзани) се наоѓаат во центарот на вниманието на денешните разговори што кинескиот и рускиот Претседател Ху Ѓинтао и Владимир Путин ги водат денеска во Пекинг.

Ху Ѓинтао и Владимир Путин во Моксва во 2005-та

Ху Ѓинтао и Владимир Путин во Моксва во 2005-та

За хармоничните односи на двете големи сили придонесува секако и фактот што тие не се оптоварени со морални вредности, како на пример почитувањето на човековите права. За климата на дводневната посета на Путин на Пекинг, како и воопшто за односите меѓу Кина и Русија, коментар подготви Миодраг Сориќ.

Времињата кога шефовите на комунистичките партии на Кина и Русија се расправаа до недоглед околу идеолошки прашања се одамна минато. Кога денес се среќаваат најмоќните од двете држави станува збор за пари и со нив тесно поврзано за сфери на интереси. Така на пример, Владимир Путин сака на Кина да и‘ продава модерно оружје и со тоа да и‘ обезбеди на сопствената земја зделки што чинат милијарди. Интересот на Кина при тоа е да ја модернизира армијата за да добие уште поголема меѓународно политичка тежина. Со оглед на фактот што повеќето Западни држави се воздржуваат од испораката на оружје за недемократскиот режим на Кина, Пекинг мудро се држи кон Москва.

Моралните вредности за обете држави ионака не играат никаква улога. Со тоа соработката станува уште полесна. Москва нема ништо против кога официјален Пекинг од време на време му се заканува на Тајван или пак кога го поддржува најстрашниот режим на Земјината топка, оној во Северна Кореја. Пекинг возвратно покажува големо разбирање за руската политика кон Чеченија. Обете земји се согласуваат дека меѓународната заедница не треба да се меша во внатрешните работи на Кина и Русија, особено не кога се во прашање кршењата на човековите права. Пекинг и Москва истовремено поддржуваат диктатори во други земји, се едно дали во Централна Азија или на пример оној во Белорусија. При тоа нивен заеднички интрес е да му се спротистават на растечкото американско влијание ширум светот, почнувајќи од земјите наследнички на поранешниот Советски Сојуз, преку Балканот, па се‘ до Африка.

На денешните и утрешните разговори во Пекинг, меѓутоа, Владимир Путин и Ху Ѓинтао сепак водат сметка да не заземат фронтално непријателски став кон САД. Бидејќи ни едниот ни другиот немаат намера да ги оптоваруваат односите со светската супер сила. На Кина на пример Америка и‘ треба како пазар за растечката економија. Русија може да послужи повеќе како сигурен лиферант на нафта и други суровини, но не и како вносен пазар за кинеските производи. За споредба, кинескиот бруто национален производ веќе сега е четири пати поголем од рускиот.

Владимир Путин од време на време патува во азиските земји, обидувајќи се да фати приклучок кон интензивниот стопански подем на тамошните држави. Тој е видно разочаран од Европа, која економската соработка ја условува со моралните вредности. Според него тоа само ја отежнува соработката. Но, „стариот континент„ се придржува до старите добри вредности на демократија и почитување на човековите права. Европа не сака да се откаже од сопствениот идентитет, што почива врз повеќевековна традиција. И доколку Русија сака да и‘ припаѓа на Европа, тогаш ќе мора да ги прифати нејзините вредности.