1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Самит ЕУ-Кина во тешки времиња

Во Пекинг денеска (14.02) ќе започне 14. по ред самит на ЕУ и Кина. На врвот на агендата е финансиската криза во Европа, а се очекува да се говори и за проблемите со Сирија и Иран.

Во центарот на Пекинг, на влезот во Царската палата, се наоѓа огромен портрет на Мао. Од тоа место денеска, Мао ќе ја набљудува делегацијата на ЕУ во Големата сала на народите, на 14. самит на ЕУ и Кина. Дипломатските односи меѓу ЕУ и Кина се воспоставени уште за време на владеењето на Мао Цетунг, во 1975 година.

Се работи за задоцнет самит во тешки времиња. Имено, делегациите на Брисел и Пекинг требаше да се сретнат уште во октомври минатата година. ЕУ тогаш го откажа состанокот затоа што политичарите, поради проблемите со Грција и кризата со еврото, едноставно, немаа време.

Ќе помогне ли Кина?

Задолженоста на европските држави, сепак, и натаму ќе биде на дневен ред кога претседателот на кинеската влада Вен Џиабао ќе се состане со претседателот на Советот на ЕУ, Херман Ван Ромпој и претседателот на Комисијата, Жозе Мануел Барозо. Кина ги поседува најголемите девизни резерви во светот, околу 3 илјади милијарди долари. Но, уште за време на посетата на германската канцеларка Ангела Меркел на Пекинг, на почетокот на февруари, од Вен Џиабао не можеше да се добие повеќе од ветување дека неговата земја ќе размисли за евентуално учество во спасувањето на еврото.

Infografik Wirtschaftswachstum 2011/2012 Vergleich

Економски пораст 2011/2012

„Основата и клучот за совладувањето на должничката криза се напорите на самата Европа“, порача тогаш Вен.

Кина и Европа во економски поглед се тесно поврзани. Во 2010. година трговската размена изнесуваше 400 милијарди евра. Со тоа ЕУ стана најважен трговски партнер на Кина, а во обратната насока, Кина за малку не ги надмина САД како прв трговски партнер на Европа. Затоа економски здрава Европа е во интерес на Пекинг.

Освен тоа, Кина ужива и статус на „стратешки партнер“ на Унијата, исто како и останатите членки на т.н. БРИКС-група: Бразил, Русија, Индија и Јужна Африка. На почетокот на месецов високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Кетрин Ештон, побара од овие држави нивната стопанска сила да ја претворат во политичка, и да ја играат „амбициозно и самосвесно“ улогата на партнери на ЕУ, како во борбата против тероризмот, така и во областа на климатската политика и во областа на граѓанските права.

Стопански џин и политичко џуџе

Од друга страна, Пекинг нема така големи барања од ЕУ. Иако важи за стопански џин, Пекинг во неа гледа политичко џуџе. Европејците не успеваат да пронајдат единствена линија во однос на централните политички прашања. Кина, пак, неодамна во Советот на безбедност на ОН, ја покажа својата моќ со ветото за Сирија. На самитот се очекува на дневен ред да се најдат сложени теми, како што е и атомската програма на Иран.

Menschen unter den Flaggen der Europäischen Union und China vor dem Tiananmen Tor in Beijing

Задоцнет самит во тешки времиња - Тјенанмен

За претседателот на Советот на ЕУ, Ван Ромпој, разликите во мислењето се нормална работа.

„Отворено говориме за разликите во мислењето. Тие не се никаква тајна. Имаме добри односи со Кина, и притоа сме стратешки партнери. Но мораме да бидеме чесни, нашите системи се различни и за многу прашања имаме различно мислење. Сепак, имаме и заеднички интереси“, изјави Ван Ромпој за ДВ.

Автор: Матијас Фон Хајн / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска