1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Самит во Солун за унапредување на регионалната соработка

Денеска средба на министрите за надворешни работи од ЈИЕ, а утре на претседателите на земјите од регионот

Солун

Солун

Средбата на министрите за надворешни работи, што напладне заврши во Солун, беше уводен дел на дводневниот регионален самит, на кој учествуваат и претставници на претседателството и Комисијата на ЕУ, на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа (ЈИЕ), јапонскиот министер за надворешни работи, како и американскиот и рускиот амбасадор. Во фокусот на самитот е унапредување на соработката меѓу земјите од регионот, што истовремено е и средство за интеграција на тие земји во европското семејство.

На заедничката прес-конференција, „тројката“ на регионот – Бакојани, Унгуреану и Грабар-Китаровиќ (грчкиот, романскиот и хрватскиот министер за надворешни работи), ја истакна позитивната, пријателска, добра клима на конференцијата. Освен вообичаените флоскули за соработката, министрите известија и за постигнатата согласност околу три документи што треба да бидат потпишани утре.

Првиот е декларацијата од Солун наречена „Заеднички во Европа“, во која повторно се потврдува готовноста на регионот за интеграција во Европа. Вториот документ е Акциониот план, поднесен од Хрватска која го презема претседателството. Ваков документ се донесува за прв пат и во него се содржани сите неопходни чекори за регионалната соработка во сите области. Агендата од Солун, третиот документ, содржи евалуација на досега направениот напредок во интеграцијата на регионот, односно на реализацијата на ветувањата на земјите дадени на нивниот прв самит во Солун во јуни 2003-та година. Овој документ Грција ќе му го проследи на Брисел.

Министрите биле согласни дека за јакнење на институционалната соработка на земјите од ЈИЕ треба да биде именуван репрезентант, кој со Брисел ќе го координира процесот на интеграција на регионот во ЕУ. Во седиштето на Унијата, според ветувањето од австриското претседателство со ЕУ, треба да биде формиран и посебен секретаријат.

Македонскиот министер Илинка Митрева, која учествуваше на денешната средба, имаше и билатерален разговор со грчката колешка по функција Дора Бакојани, по која изјави: „ Покрај добрата економска соработка, можеме да имаме и конструктивен политички дијалог. На овој денешен разговор најмногу простор зедоа елементите кои се врзани за билатералната соработка, пред се’ за докомплетирањето на договорната рамка која ќе овозможи еден побогат економски развој. Втора работа, која зборува за подготвеноста на двете земји за натамошна интензивна комуникација, е разгледувањето на можноста за слободно движење на луѓето во пограничните зони. Прилог кон оваа тема, се разбира, беше и реафирмирањето на нашата позиција, нашиот став кон можноста за отварање на граничниот премин Маркова нога. Генерално зборувавме и за процесот на либерализација на визниот режим. Се’ на се’ мислам дека ова беше еден конструктивен, отворен и добрососедски разговор. Во однос на прашањето на името, нашиот став е познат. Разговорите за ова прашање ќе продолжат во рамките на ОН“.

На регионалниот самит во Солун утре ќе се сретнат претседателите на државите; патем, со учество и на косовскиот претседател Фатмир Сејдиу. Министрите за сообраќај, пак, треба да потпишат договор за подобрување на регионалната железничка мрежа.