1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Самитот пропадна, мораше ли!?

Македонскиот претседател го откажа претседателскиот Самит во Охрид. Разочаран што балканските кавги фрлиле сенка врз собирот повлече потег кој според експертите е непопуларен. Сепак дали тој беше и неопходен?

Фијаското што го доживеа Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Охрид покажа дека Балканот е се' уште заложник на предрасудите и минатото. Наместо значаен собир на кој требаше да се расправа за иднината на односите во регионот, на сцена стапија балканските предрасуди и комплекси што кулминираа со одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов да го откаже Самитот. Во разочарувачки и помалку револтиран тон, шефот на државата нагласи дека нема да дозволи Македонија да ја плаќа цената за балканските предрасуди и врз нејзин грб да се поткусуруваат интересите на балканските земји. Но сепак дали се ` мораше да заврши на овој начин? Дали Иванов повлече вистински потег?

Мирчев: Одлуката на Иванов е оправдана

Универзитетскиот професор и поранешен амбасадор Димитар Мирчев смета дека Иванов со многу право ја донел таквата непопуларна одлука.

Dimitar Mircev, Universitätsprofessor und Ex-Diplomat aus Mazedonien

Димитар Мирчев

 „По толку откажувања на учество, а без вистински причини, таков самит не би имал смисла. Тоа ја покажува природата на односите во регионот, кои се далеку од она за што се залагаат иницијалните документи на Процесот. Отпадна се разбира и усвојувањето на заедничките документи на Самитот, кои требаше да ја потврдат заедничката определба на сите држави за мир, безбедност и развој како и за европска иднина на регионот. Отпадна и расправата за неколку поголеми развојни проекти во регионот како и за заедничките напори во смалувањето на ризиците од природни катастрофи. Наспроти се', и Македонија и нејзиниот претседател покажаа дека успешно претседаваа со овој Процес, во 2012-2013 г. Нашата посветеност на Процесот и неговите цели е несомнена и безрезервна“, коментира Мирчев.

Спасов: Паѓа и политичкиот рејтинг на Македонија 

Несаканиот развој на случувањата според поранешниот амбасадор Ѓорѓи Спасов пак испраќа пред се' порака за неспособноста на Македонија и на нејзиниот претседател да реализира доверени задачи во водењето на надворешната политика. 

„Ако Македонија во 2001. година кога нејзин претседател беше Борис Трајковски можеше успешно да го организира овој исти Самит на претседатели, на кој присуствуваа претседателите на сите земји од Југоисточна Европа и Дијалогот на цивилизациите, тогаш претседателот Иванов треба да се запраша што се случило во меѓувреме што речиси сите поканети претседатели го откажаа сопственото учество.

Mazedonien Ohrid mit Festung über der Stadt

Охрид

И како по обичај, наместо да се засрами од неуспехот, претседателот Иванов си дозволува откажувањето на Самитот и на Дијалогот на два дена пред нивното одржување да го претстави како патриотски чин односно дека на таков потег го обрзале 'државниот интерес и достоинството на Македонија'. Неговото образложение дека, тој го откажува Самитот заради тоа што во пресрет на овој Самит 'оживеале старите балкански предрасуди и комплекси повторно' не само што не е дипломатска туку е и навредлива за престедателите на земјите учеснички во иницијативата. Образложението пак дека тој го откажува Самитот затоа што нема да дозволел 'преку грбот на Македонија да се прекршуваат старите балкански предрасуди и да се поткусуруваат интересите на балканските држави, а цената да ја плаќа Македонија' е директно обвинување кон лидерите на земјите од соседството и од Балканот кое дополнителоно објаснува зошто тие не ја прифатиле неговата покана. Конечно со откажувањето на овој Самит по паѓањето на кредитниот рејтинг на земјата паѓа и нејзинот политички рејтинг кој и онака не беше многу висок. Можеби и не е случајно што истиот ден кога се откажува еден ваков Самит во Македонија некаква група интелектуалци од Скопје ги обвинува Европа и САД за геноцид врз македонскиот народ и за свртување на земјата кон соработка со Русија, Кина и Турција“, смета Спасов.

Одлуката на Иванов следува откако повеќето претседатели го откажаа учеството. Најпрвин Грција воопшто не одговори на поканата за учество на претседателот, а потоа и претседателите на Бугарија и Албанија соопштија дека нема да дојдат. Како последно и хрватскиот престедател се повлекол. Претходно реагираше и косовскиот претседател бидејќи не добил покана за учество. Според информации на Дојче веле за смирување на тензиите интервенирал и Брисел преку еврокомесарот за проширување Штефан Филе и шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон, кои биле во комуникација со Белград и Приштина, но безуспешно.