1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Самитот на Шангајска група и амбивалентната политика на Кина

На нивната дводневна средба, што заврши денеска, во центарот на вниманието не се најде петгодишниот јубилеј од основањето, туку гостинот од Иран.

Ахмадинеџад меѓу претседателите на земјите членки на Шангајската група

Ахмадинеџад меѓу претседателите на земјите членки на Шангајската група

„Шангајска организација за соработка„ – зад ова неупадливо име се крие здружување на шест држави што претставуваат ни помалку, ни повеќе туку една четвртина од вкупното население на планетава. Држави чија територија го покрива огромниот простор меѓу источниот брег на Азија па се‘ до Европа. На нивната дводневна средба, што заврши денеска, во центарот на вниманието не се најде петгодишниот јубилеј од основањето, туку гостинот од Иран. Претседателот на земјата што има статус на набљудувач, Махмуд Ахмадинеџад, имено така доби можност да се покаже пред светската јавност на еден меѓународен форум и да упати важни порак – смета Матијас фон Хајн во наредниот коментар.

Организацијата сакаше да се прикаже во јубилејска светлина, но на крајот никој не се интересираше за договорите потпишани пред пет години, туку за гостинот од Техеран. Тој не само што одржа говор на самитот, туку имаше прилика да се сретне и со кинескиот и рускиот претседател Ху Ѓинтао и Владимир Путин. Да кажеме веднаш дека Ахмадинеџад се воздржа од какви и да е испади против САД или Израел, а на прес-конференцијата дури ги израдува нервозните кинески домаќини со една важна порака, што тие ќе можат да ја преточат во дипломатски поени. Тој имено ја оцени понудата од меѓународната заедница за надминување на атомскиот спор како „чекор напред„ и вети темелна проверка на содржината. Тоа е важен напредок во однос на изјавата на религизониот водач на Иран, Али Каменеи кој само ден порано порача дека Иран нема да се повинува на меѓународниот притисок и нема да се откаже од атомската програма.

Ахмадинеџад настапи во Шангај многу самоуверено и како неговата земја веќе да е членка на организацијата за соработка. Тој ги повика колегите по функција од шесте земји членки да ги здружат силите против Западот, иако не го спомна по име. Тој им понуди и соработка во енергетскиот скетор, што за Кина на пример е многу важно, бидејќи растечката индустриска и трговска сила е гладна по нафта и земен гас. Ахмадинеџад радо би го видел Иран како полноправна членка во Шангајската организација. Прво, затоа што со тоа би ја надминал меѓународната изолација што се обидува да му ја наметне Западот. А второ, затоа што би се чувсувтвал посигурно. Членките на организацијата имено си гарантираат взаемна поддршка во случај на загрозеност од надвор и веќе интензивно работат на засилена соработка на воен план.

Но, приемот на Иран во таков сојуз би бил отворен удар против САД, што официјален Пекинг никако не го сака. Од друга страна Кина една третина од вкупните потерби по нафта ги задоволува од иранските извори. Затоа Пекинг води амбивалентна политика: Иран беше поканет на средбата и доби првокласна можност за презентација на меѓународниот паркет. Од друга, Кинезите сигнализираат дека за сега не поддржуваат проширување на Шангајската организација.

Кинеската политика е пред се‘ насочена кон обезбедување сировини и пазари за произведените стоки. При тоа сите чувствителни прашања од доменот на човековите права или безбедноста консеквентно се исклучуваат. Пекинг радо им ги остава скокотливите теми на другите. Тоа меѓутоа е далеку од одговорна надворешна политика, за која со право пледираше канцеларката Ангела Меркел при неодамнешната посета на Пекинг.