1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Самитот на Г7 без вистински договор

Министрите за финансии и шефовите на централните банки на земјите од Групата седум, во Марсеј не дадоа конкретен одговор на прашањето - како да се зајакне глобалната економија?

default

Дипломатијата понекогаш е како лонец со бои, со кои се‘ може да се направи малку пошарено. На средбата на министрите за финансии и на шефовите на централните банки на Групата 7 најразвиени индустриски држави, што почна вчеравечер (09.09) во Марсеј, Франција, за боја во берзанското сивило требаше да се погрижат општо срочените формулации за поттик на економијата. Конкретен пакет мерки за борба против должничката криза нема.

Додека берзите влегуваа во претстојниот викенд со пад на курсевите, во Марсеј политичарите се договорија за шест точки, кои би требало да ги опфатат различните позиции на САД и Европа. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле вели дека тоа е и повеќе од планираното:

„Ако биде само хармонично, тогаш нема да има вистински отворена размена на мислења. Смислата на ваквите средби е неформално да размениме отворено мислења. Тоа, според мене, успеа донекаде, што не е случај со сите средби од ваков вид. Но, тоа не е за јавност.“

G7-Finanzminister beraten‎ in Marseille Frankreich 2011 Flash-Galerie

Општи формулации од средбата на Г7

Јавноста, пред средбата, беше ориентирана кон судир на мислења, со оглед на различните изјави кои доаѓаа од сите страни. САД сакаат да инвестираат во огромна конјуктурна програма, додека Германија веќе не сака да плаќа за поттик на економијата, туку сака да ги врати долговите. Во договореното од средбата во Марсеј, сега, се фали и ангажманот на САД, чие намалување на долгот е одложено до „свети никогаш“ и се истакнуваат и заклучоците околу помошта за Грција и поддршката за еврото како чекори на стабилизација. Дали е тоа доволно за смирување на берзите? Шојбле смета дека падот на курсевите вчеравечер се реакција на оставката на Јирген Штарк, главен економ во Европската централна банка:

„Такви се медиумите, такви се пазарите. Краткорочно тоа предизвикува голема возбуда. Среднорочно, меѓутоа, е важно она што го договараме и критиката“, оцени германскиот министер за финансии.

Денеска министрите за финансии на Групата седум разговараат со претставници на арапските и африканските земји околу поддршката за новите демократски влади на јужниот брег на Средоземното море.

Автор: Јоханес Духро /дпа/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски