1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Самитот во Ерусалим не донесе напредок!

Втората средба меѓу израелскиот премиер Ариел Шарон и Претседателот на Палестинците Махмуд Абас не донесе речиси ништо.

Абас и Шарон на една поранешна средба

Абас и Шарон на една поранешна средба

Впрочем такви беа и очекувањата на експертите. За напнатиот однос меѓу двете страни во деценискиот конфликт зборува и фактот не беше најавен ни термин за фотографирање, ниту пак заедничка изјава по разговорите. Од надежите за поинтензивна соработка околу повлекувањето на еверјските населби од Појасот Газа и евентуално заживување на мировниот процес – за сега нема ништо!

„Немаше ништо, ама баш ништо!„ – со овие огорчени зборови го прокоментира на кусо самитот во Ерусалим висок член на палестинската делегација. По околу два часа разговори во резиденцијата на израелскиот премиер делегациите се разделија – како што беше договорено без изјави за јавноста. Според извештаите на владини кругови за медиумите атмосферата била напната, а по враќањето во Рамалах палестинскиот премиер Ахмед Куреи посочи дека средбата била тешка и дека не ги исполнила очекувата на палестинската делегација. Не постигнавме пробив по ниту едно од прашањата на дневниот ред.

Интересно е што оценката на истата средба на врвот од израелска страна е сосема поинаква. Заменик премиерот Ехуд Олмерт оцени дека станува збор за добра работна средба. Премиерот им најавил на Палестинците одредени отстапки, но под услов палестинските сили за безбедност решително да се борат против терористичките групи. Во тој случај во рок од две недели палестинсите сили ќе можат да ја преземат контролата врз градовите Каликилија и Витлеем на Западниот брег. Освен тоа 39.000 работници и бизнисмени од палестинските автономни подрачја ќе можат да добијат дозвола за влез во Израел. И конечно Палестинците ќе можат да го поправат аеродромот во Газа, што им го разурна израелската војска пред неколку години. Ако се мине добро Палестинците можат да планираат и изградба на пристаниште.

Веќе од поундите и условите што ги поставил израелскиот премиер Ариел Шрон на средбата се гледа и ставот кон палестинската страна. Тој нуди отстапки доколку се исполнат неговите услови, а не разговара со рамноправен партнер околу суштинските проблеми како што е мирниот тек на повлекувањето на еврејските населби од Појасот Газа на пример. Шарон и најмалите чекори на попуштање ги условува со решителна борба на палестинските автономни власти против терористите. Министерот во неговиот кабинет, Хаим Рамон, уште пред средбата ја критикуваше состојбата во палестинското раководство:

„За жал има анархија кај палестинските власти. Тоа е голем проблем. Најновите настани на безбедносен план им наштетија на можностите да го координираме со Палестинците повлекувањето од Појасот Газа.„

Палестинците, пак, нагласуваат дека борбата против тероризмот ќе има длабок и траен ефект само ако напредуваат политичките преговори во насока на создавање палестинска држава. Советникот за безбедносни прашања, Џибрил Раџуб, посочи:

„Кога почнавме со смирувањето, каков беше одговорот на израелската влада? Што ни дадоа за возврат? Од почетокот на примирјето убиени се уште 43 Палестинци, стотици се повредени, а повеќе од 1000 се уапсени. Израелската влада мора да престане со населувањето Израелци на нашите теротории, со градењето на заштитниот ѕид, со уништувањето и смртта. Инаку нема никогаш да бидат безбедни!„

Значи и по самитот во Ерусалим разликите остануваат: Израелците сакаат безбедност од терористичките напади, а Палестинците слобода и право на самоодлучување.