1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Самарас си купи дополнително време

Во вторникот (25.06) во Грција беше избрана нова влада. На нејзино чело останува Андонис Самарас, додека шефот на ПАСОК, Евангелос Венизелос ќе биде вицепремиер. Дали и овој состав е само привремено решение?

Во трипартитната коалиција социјалистичкиот ПАСОК досега беше застапен само со државни секретари. Но во новата влада влегува првиот партиски ешалон. Венизелос ќе биде вицепремиер и министер за надворешни работи, Михалис Крисохоидис го презема министерството за транспорт, досегашната портпаролка Фофи Генимата застанува на чело на министерството за одбрана, додека новинарот Пантелис Капсис ќе се грижи за санацијата и реструктуирањето на државната телевизија ЕРТ.

И конзервативниот премиер Самарас се одлучи да ги доведе своите најблиски соработници во владата. Досегашната „сива еминенција“ Димитрис Стаматис влегува во неа, како и десниот популист Адонис Георгиjадис, кој ќе биде министер за здравство.

Кавгата поради затворањето на ЕРТ ја урна досегашната влада по само една година. Новата влада е привремено решение за премиерот Самарас, смета аналитичарот Лефтерис Кусулис. Таа со сигурност нема да направи никакви чуда, но ќе биде во состојба да ги санира проблемите и да ја изведе земјата еден чекор понапред. Во прв ред се работи за купување време додека економијата да застане на нозе, смета Кусулис.

Аналитичарот Јоргос Цогопулос не е многу убеден во можностите на новата влада. „Некои членови на оваа влада во минатото заземаа високи функции и не се прославија, вели тој. За жал, ни конзервативците, ниту социјалистите не сакаат да им дадат шанса на младите, смета Цогопулос. Незадоволство од промените манифестираа и медиумите каде се оценува дека истите луѓе кои ја турнаа земјата во криза, сега треба да ја спасуваат.

Athen Verhandlungen über Sparmaßnahmen

Евангелос Венизелос

Од најголемата опозициска партија, Сириза, оценија дека промените се почеток на крајот на владата. Од десноекстремистичката Златна Зора, која во меѓувреме стана трета политичка сила во државата, цинично коментираат дека „габаритот на Венизелос ќе ја урне владата“.

Но ваквите забелешки не треба да се земаат несериозно, опоменува Цогопулос. Новата влада е точно таква каква што посакуваа левите и десните радикали во земјата, затоа што во неа има многу луѓе кои се подложни на критика, што во истовреме отвора уште поголема можност за етаблирање на радикалните сили на политичката сцена.

Големиот пресврт на Венизелос

Пред само една година шефот на социјалистите Венизелос остро одбиваше какво било учество во владата и инсистираше водечката функција во неа да ја преземе Самарас. Според грчките медиуми, се работеше за јасна тактика да се префрли одговорноста за мерките за штедење врз конзервативците. Но сметката не излезе како што се надеваше Венизелос. Конзервативците на Самарас во меѓувреме имаат израмнет рејтинг со радикалната левица, додека ПАСОК има помалку од 10 проценти доверба.

Затоа Венизелос мораше да ја смени тактиката, смета Лефтерис Кусулис. Доколку одбиеше засилен ангажман на социјалистите во владата ќе следеа нови избори, на кои ќе претрпеше катастрофа. „Доколку работите тргнат на подобро, тие би можеле да ја вратат довербата на граѓаните“, смета Кусулис.