1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сакашвили го призна поразот на изборите

Грузискиот претседател Михаил Сакашвили призна дека неговата партија Единствено национално движење претрпела пораз на вчерашните (01.10.) парламентарни избори.

„Јасно е дека опозициската партија Грузиски сон доби мнозинство“, изјави Сакашвили во говор пренесуван на телевизија. Грузискиот претседател додаде дека неговата партија ќе биде парламентарна опозиција.

Дел од ставовите на опозициската формација ги оквалификува како принципиелно неприфатливи. Меѓународни набљудувачи наведоа дека изборите биле слободни. Ги повикаа двете политички сили да работат заедно. ЕК соопшти дека резултатите од изборите во Грузија нема да ги променат односите меѓу поранешната советска република и ЕУ.

Во Тбилиси уште пред признанието на Сакашвили владееше славје како Грузија да освоила прво место на Светско фудбалско првенство - колони автомобили со сирени, лица што зрачат радост. Калуѓерки мавтаат со знаменца на кои е бројот 41, бројот на листата на опозициониот сојуз на милијардерот Бидзина Иванишвили. Млади луѓе излезени до појас низ прозорците на автомобилите исто така мавтаат со знамиња, меѓу кои се и оние на ЕУ и НАТО, зашто и тие се сини како што е бојата на опозицијата.

Десетици илјади луѓе во текот на ноќта ја славеа победата на опозициониот сојуз „Грузиски сон“, без да ги знаат фактичките резултати од изборите. Непосредно по објавувањето на прогнозите, луѓето почнаа да се собираат на Плоштадот на слободата, затоа што според сите прогнози, опозицијата водеше со значителна предност. Лидерот на опозицијата Иванишвили се прогласи за победник.

„Првпат во историјата на Грузија народот преку избори ја смени власта. Сега мора да се сплотиме, да заборавиме се‘ што било и да изградиме нова Грузија. Најмалку сто места во парламентот ни припаѓаат нам“, рече тој.

По пребројувањето на една четвртина од гласачките ливчиња, опозицискиот „Грузиски сон“ стигна до 53 проценти, додека партијата на Сакашвили, 41 проценти освоени гласови.