1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Саемот на книги во Солун, востановен лани, годинава доби меѓународен карактер

Поканети беа издавачи, автори и други претставници на браншата од повеќе европски земји, меѓу нив и од Германија: лектори, преведувачи, но и Институтот Гете и Дојче Веле со еден заеднички штанд.

Солун: саемот на книги е и берза за контакти

Солун: саемот на книги е и берза за контакти

Грчката литературна сцена сака да каже зборче во Европа на новиот милениум, а што би било попогодно за тоа, од еден саем на кој литературата е во средиштето. Движечката сила која стои зад саемот е темпераментната Кетрин Велисарис, директорка на Националниот книжевен центар на Грција. „Грција сепак е европска земја, па така да се рече го покани семејството. Многумина одговорија на поканата: Англичани, Французи, Германци. Грција лежи на источната граница на Европа, па беше консеквентно Европа да се среќава со своите директни соседи. Поради тоа беа поканети балканските земји, Русија и други источноевропски земји, објаснува Велисарис.

120-те штандови во една од халите на сајмиштето дејствуваат прегледно; солунскиот не сака да се споредува со Саемот на книгата во Франкфурт, овде не може да стане збор за голема помпа и преполнети ходници. Но, секој саем секогаш е голема културна берза за контакти. Поради тоа со штанд беа застапени и Институтот Гете и медиумскиот партнер Дојче Веле. Карл Ханјц Талман, раководител на Гетеовиот институт, се надева на натамошно проширување на веќе сега вистински обемната соработка со сите кои се заинтересирани за германскиот јазик: „Областа литература игра забележителна улога пред се’ во образовната кооперација; тоа е соработката со германисти овде во земјава, на училиштата, приватните училишта и на универзитетите“.

На организаторите на саемот им беше важно сосем целно да поканат одредени издавачи и претставници на браншата, на пример од Германија: пред 4 години Грција беше гостин на франкфуртскиот саем. Во меѓувреме опадна еланот на тогаш интензивно негуваната размена меѓу автори и издавачи, преведувачи и читатели. Сега, со помош на изложбата на книги во Солун, тоа треба повторно да биде подобрено. „Се разбира дека сум овде за да се информирам, но многу е важно да се има и личен контакт со издавачите зашто најголемиот дел од книгите не се наоѓаат во големите книжарници, ниту во каталозите на издавачите, туку во директен разговор. Мора да се артикулира што е посебното во грчката литература и истовремено да се соопшти што се бара во Германија, зашто за германскиот пазар се погодни само неколку наслови“ – вели Сузане Биндерман, лектор кај издавачот Валштајн од Гетинген.