1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД ја предадоа контролата во затворот Баграм

Обвинувања за измачувања, палење на коранот, злоставувања - со Баграм, најголемиот американски затвор во Авганистан, се поврзани многу лоши сеќавања. Сега тој целосно им е предаден на Авганистанците.

Американскиот врховен командант во Авганистан, генерал Џозеф Данфорд оцени дека преземањето на одговорноста за затворот од страна на Авганистанците е „важен дел од целокупниот процес за предавање на одговорноста за безбедноста на авганистанските трупи“. Авганистан е „подоверлив, поспособен и посуверен“, појасни Данфорд по повод церемонијата на предавање. Претседателот на Авганистан Хамид Карзаи го постави преземањето на контролата врз воениот затвор крај Кабул како услов за натамошна долгорочна соработка со САД.

Официјално предавањето беше извршено уште во септември 2012 година. Притоа повеќе од 3.000 затвореници, меѓу нив и осомничени талибански борци, беа ставени под авганистанска контрола. Меѓутоа, странските затвореници, како и Авганистанците уапсени од трупите на ИСАФ, по март 2012 година и натаму беа под контрола на американската војска.

Предавањето повеќепати беше одлагано

САД го одлагаа предавањето од безбедносни причини. Причина беа изјавите на Карзаи, според кои во делот контролиран од САД биле затворени „невини луѓе“, за кои ќе нареди да бидат ослободени по преземањето на контролата.

Вашингтон стравуваше дека ослободените затвореници би можеле да им се приклучат на исламистичките талибанци. Со ваквото образложение САД постојано го одлагаа целосното предавање на контролата. Сега се вели, а Карзаи ветил, дека опасните затвореници ќе останат в затвор, и на тој начин ќе се гарантира безбедноста за авганистанското население и трупите на ИСАФ.

„Гвантанамо на Авганистан“

Баграм се сметаше за најголема странска воена база на Хиндукуш. По навлегувањето на САД на крајот на 2001 година базата на 60 километри северно од главниот град Кабул беше користена за воени цели од Американците и НАТО.

Кратко потоа армијата на САД и тајната служба ЦИА започнаа и со интернирање на лица осомничени за тероризам. Постепено се создаде огромен затвор, од каде постојано пристигнуваа информации за измачувања. Активистите за човекови права редовно го критикуваа затворот наречен и „Гвантанамо на Авганстан“ дека не биле почитувани меѓународните правни норми и некои затвореници биле затворани без конректни обвинувања.