1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД се приклучија кон барањата за ставање крај на борбите

Министерот за надворешни работи Кондолиза Рајс ненадејно го посети Бејрут

Рајс и либанскиот премиер Синиора

Рајс и либанскиот премиер Синиора

Воените дејствија не престануваат, но на Блискиот исток на повидок е промена на ставот на меѓународната заедница – се’ посилни стануваат повиците за прекин на огнот. По речиси двонеделни борби меѓу Израел и милицијата на Хезболах, со неограничена поддршка за Израел од САД, сега и Америка се приклучи кон барањата за ставање крај на борбите. Министерот за надворешни работи Кондолиза Рајс денеска, уште за време на патот кон кризниот регион, каде оди во посредничка мисија, рече дека примирјето е „итно потребно“. Но, за тоа да има траен карактер, потребно е да биде дел од сеопфатено политичко решение на кризата, во кое пак се вбројува разоружувањето на Хезболах, вели Рајс.

Таа неочекувано го посети Бејрут, каде разговараше со либанскиот премиер Фуад Синиора, по што се заложи либанската влада повторно да ја преземе контролата врз целата територија на земјата. Посетата на Бејрут, „по се’ што се случи“ е „спектакуларна порака на Либан и на неговата влада“, ги пренесува агенцијата Франс-прес зборовите на неименуван претставник на американската влада од придружбата на Кондолиза Рајс. Таа во Бејрут уште треба да разговара со претседателот на либанскиот парламент Набих Бери, кој од страна на Хезболах е избран за водење преговори, а потоа ќе оди на посети кај израелскиот премиер Ехуд Олмерт и претседателот на Палестинците Махмуд Абас.

Олмерт уште вчера искажа согласност европски трупи да бидат стационирани на југот на Либан. Има „повеќе европски држави кои би ја ставиле на располагање потребната помош“ за мисија во Либан, рече претставникот на ЕУ за надворешна политика Хавиер Солана. Тој не сакаше да завлезе во подробности како би требало да изгледа мировната мисија и кој би учествувал во неа.

Германија не ќе може да одбие учество во мировна мисија на Блискиот исток, смета министерот за одбрана Франц-Јозеф Јунг. Министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер, пак, во синоќешното интервју за првата програма на германската телевизија не сакаше јасно да се одпредели: „Во изминативе денови постпјано велев дека меѓународната заедница и Европа не ќе можат да одбијат помош, ако е тоа пат за смирување на состојбата и за ставање крај на борбените дејствија. Се разбира, и ние во Германија ќе водиме дискусија, но мислам дека со поглед врз германската историја, тие дискусии треба да ги водиме посебно грижливо и без избрзување“.

Инаку, палестинската Фатах-партија бара меѓународни заштитни трупи и за појасот на Газа. Претседателот на регионалната организација на Фатах за Газа Абдалах Франги го критикува и германскиот став на Блискиот исток: „Мислам, присуството е в ред. Само, германскиот став севкупно, сметам, не е добар, не е добар ни за Германија, оти се’ повеќе и повеќе го адаптира ставот на САД... Примирје е предуслов за политичко придвижување, за политички успех и разбирање“.