1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД се закануваат со нови мерки против Сирија

САД и‘ се закануваат на Сирија со „натамошни чекори“, но не ги конкретизираат. Арапските набљудувачи го посетија градот Хомс, каде илјадници бараат смена на власта, а таа одговара со насилство против опозицијата.

default

САД повторно најостро го осудија крвопролевањето во сириските градови.

Доколку Сирија не ја прифати мировната мисија на Арапската лига и ја одбива соработката, ќе бидат преземени „натамошни чекори“ од страна на меѓународната заедница, се вели од Вашингтон. Но, во соопштението од Министерството за надворешни работи не се прецизираат евентуалните мерки кои би биле преземени за заштита на цивилите во Сирија.

Во градот Хомс, упориште на отпорот против сирискиот претседател, што со месеци е опколен и напаѓан од војската, вчера за да се уверат во фактичката состојба допатуваа набљудувачите од Арапската лига. Непосредно пред нивното доаѓање во жестоките борби меѓу силите на власта и бунтовниците загинале најмалку шест лица, а од понеделникот досега бројот на жртвите се искачи на 60.

Граѓаните ги поздравија набљудувачите

Илјадници луѓе излегоа на улиците на Хомс за да го поздрават доаѓањето на набљудувачката мисија и да бараат симнување од власт на претседателот Башар ел Асад. Инаку, кусо пред доаѓањето на набљудувачите од Арапската лига, сириските трупи се повлекле од Хомс.

Делегацијата на Арапската лига се сретна со гувернерот на Хомс и посети неколку квартови, а кога ќе го напушти градот, не се знае. Во план е набљудувачите да ги посетат и градовите Хама и Идиб, каде исто така постојано доаѓа до судири.

Според постигнатиот договор со сирискиот режим, мисијата на Арапската лига од 150 дипломати и арапски експерти треба да го надгледува повлекувањето на сириската армија од градовите и ослободувањето на политичките затвореници. Освен тоа, предвиден е и дијалог меѓу власта и опозицијата, а во иднина би требало во Сирија да добијат слободен влез и претставници на организации за човекови права и новинари. Целта на договорот е запирање на крвопролевањето во земјата кое трае од март. Во Дамаск вчера пристигнаа 50 набљудувачи, а остатокот треба да пристигне до крајот на месецов.

Автор: ЖА/дпа/ртре

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM