1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД се вртат кон Југоисточна Азија

Посетата на Барак Обама на Тајланд, Мјанмар и самитот на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН) во Камбоџа е знак за новата политика кон Азија и Пацификот. Пред земјите во регионот се тешки одлуки за односот со Кина.

Првото патување на американскиот претседател Барак Обама по неговиот реизбор го однесе во Југоисточна Азија. Кратко време пред ова патување, советникот за национална безбедност на Америка Томас Донилон напиша сеопфатна документација за стратегијата на Америка за Азија и Пацификот, каде нагласи:

„Америка е пацифичка сила чии интереси се неразделно поврзани со економскиот, безбедносниот и политичкиот поредок во Азија. Успехот на Америка во 21-от век е врзан со успехот на Азија“.

Со овие зборови, советникот за безбедност го потврди она што државниот секретар на САД Хилари Клинтон и американскиот секретар за безбедност Леон Панета го кажаа во повеќе наврати во изминатите неколку години.

Она што е ново во стратегијата е поголемото внимание кое се дава на Југоисточна Азија и Асоцијацијата на југоисточни азиски нации (АСЕАН).

Kambodscha ASEAN-Gipfel in Phnom Penh Gruppenbild mit Barack Obama

Поголемо внимание и’ се дава на Асоцијацијата на југоисточни азиски нации (АСЕАН)

Специјалната улога на АСЕАН

Интересот на Америка во Југоисточна Азија може лесно да биде објаснет. Регионот се протега околу јужниот дел на Кина и го опфаќа Јужно кинеското море, што со оглед на стратешките и економските интереси, е еден од најзначајните региони во светот. Исто така географски ја поврзува Кина и втората најголема сила во регионот, Индија. Во земјите од АСЕАН живеат повеќе од 600 милиони луѓе и заедно ја прават третата најголема економија.

Интересите на Америка се натпреваруваат со влијанието на Кина, кое заради географската поставеност, отсекогаш било огромно. Економскиот раст во скоро сите југоисточни азиски земји е врзан со растот на Кина. Колку е огромно влијанието на Кина може да се види во случајот на Камбоџа. Минатата година Кина имаше десет пати повеќе инвестиции во земјата отколку САД. Кина индиректно ја искористи ваквата економска зависност, за да го спречи создавањето на заедничко коминике на дваесетиот самит на АСЕАН, откако Камбоџа одби да ја потпише заедничката декларација за тензијата во Јужно Кинеското море.

Камбоџа очигледно докажа дека е послушник на Кина, смета Герхард Вил, експерт за Југоисточна Азија од германскиот Институт за меѓународни и безбедносни прашања.

Кина, иако покажува незадоволство со офанзивата на САД, во исто време е многу самоуверена. Во еден коментар објавен од Глобал тајмс, прес-службата на Кинеската комунистичка партија, патувањето на Обама во Мјанмар, Камбоџа и Тајланд го опишува дека „навидум има заканувачки карактер, но не може да ја промени реалноста дека Југоисточна Азија е економски врзана со Кина“.

Балансирачки акт

ASEAN Gipfel Barack Obama Wen Jiabao

Ривалството меѓу САД и Кина ги тера земјите од регионот да заземат страна

Ривалството помеѓу Кина и САД ги присилува југоисточните азиски земји, особено политички и економски послабите, да заземаат страна. Џост Пакали, директор на азиската канцеларија во Банког на фондацијата „Хајнрих Бол“, вели дека сите земји од АСЕАН го поддржуваат тоа што САД сака да има поголемо влијание во регионот. Сепак, според него, сите ќе направат се’ само за да не бидат вовлечени во борбата за моќ помеѓу двете суперсили. Тие мораат да најдат баланс помеѓу стратешките и економските интереси во двете суперсили, смета тој.

Има истакнати разлики во индивидуалните стратегии на земјите кои доведоа до разлики на самиот АСЕАН. Она што ја прави ситуацијата многу тешка за АСЕАН земјите, според Пакали, е она што „развојот во земјите е многу различен“.

Тест за издржливост за АСЕАН

Филипините, на пример, без сомнение се најблискиот сојузник на САД во регионот. Минатата недела тие во отворено писмо ја критикуваа Камбоџа, актуелниот домаќин на АСЕАН, за блокирањето на напорите да се најде меѓународно решение за територијален ред во Јужно Кинеското Море.

Пакали вели дека тој не бил изненаден од акциите на Камбоџа, која не смее да си дозволи лоши односи со Кина, со оглед на тоа што зависи од инвестициите на Кина. Според него, ситуацијата е несигурна за повеќето земји во регионот. Тајланд, на пример, е земја која има врски со Кина и со САД. Кинескиот премиер Вен Џиабао се очекува да пристигне во Банкок неколку дена по посетата на Обама.

Мјанмар, пак, има уникатен став за американско-кинеската борба за моќ. Според Пакали, земјата се обидува да се дистанцира од Кина и посетата на Обама, треба да и’ помогне во ваквите напори. Сепак, нејасно е дали Америка ќе може да биде адекватна противтежа на повеќе децениското влијание кое Кина го има во регионот.