1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД сакаат да градат противракетен систем и во Азија

САД имаат намера да градат противракетен систем во Азија. Системот би бил сличен на оној во Европа, кој е наменет за заштита од евентуални ирански напади, изјави портпарол на американскиот Стејт департмент.

Системот во Азија не е насочен против Кина, туку има за цел одбрана од евентуални закани од Северна Кореја, се вели во Вашингтон. Северна Кореја во април годинава тестираше ракета со сателит, но таа се урна во морето непосредно по стартот. САД, Јапонија и Јужна Кореја во тоа гледаат скриен тест на ракета со долг дострел и претпоставуваат дека комунистичкото раководство во Пјонгјанг се обидува да развие уште вакво оружје.

„Вол стрит журнал“ претходно пишуваше дека во јужниот дел на Јапонија треба да се постави нов „силен“ радарски систем за рано предупредување, а таков систем можеби ќе има и на Филипини. Весникот го цитира експертот за противракетна одбрана Стивен Хилдрет, кој тврди дека всушност намената на новиот радарски систем е одбрана од закани од Кина. „Фокусот на нашата реторика е Северна Кореја“, вели тој, но во стварноста погледот е насочен кон „слонот во тој регион, а тоа е Кина“.

Американскиот претседател Барак Обама пред неколку месеци ја претстави новата стратегија на американските воени сили, според која армијата повеќе отколку досега се концентрира на закани од Азија.