1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД размислуваат за воен ангажман во Сирија

Како реагираат САД на употребата на отровен гас во Сирија? Претседателот Обама е тактичар, иако толку цитираната „црвена линија“ е одамна премината. Неговите генерали веќе дискутираат за технички можности.

Во сириската граѓанска војна војската на властодржецот Башар ел Асад добива се' повеќе на сила, предупреди шефот на Генералштабот на војската на САД Мартин Демпси при сослушување во Конгресот. Од овој аспект САД би морале да размислат за употреба на воена сила. Владата во моментов диксутирала за „кинетичи напади“ (kinetic strikes) врз цели во Сирија, рече Демпси. Тој меѓутоа не сакаше попрецизно да го објасни овој поим.

Неговите забелешки имено не укажуваат конкретно во која мера САД би можеле да преземат воени акции во Сирија. „Не би било умесно, јавно да го изнесувам моето мислење за тоа каков вид на сила би требало да користиме“, истакна Демпси. Највисокиот по ранг американски официр не сакаше прецизно да се произнесе ниту за неговиот став за односот со режимот на Асад. Тој меѓутоа јасно кажа дека бунтовниците во борбата против Асад претрпуваат загуби: „Ветрот се сврте во корист на Асад“.

САД досега ги поддржуваа сириските бунтовници само со лесно оружје, но директно не се вмешаа во воена сила во граѓанската војна во земјата. На средината на јуни претседателот Обама истакна дека е уверен оти сирискиот режим со употребата на смртоносни отровни гасови ја преминале од него зацртаната „црвена линија“.

Генералот исткана дека на претседателот Обама му приложил повеќе опции за американски воен ангажман во земјата, каде веќе двеипол години се водат борби. Одлуката за вооружени напади ја носат претседателите. Заменикот на Демпси, Џејмс Винефелд пред Конгресот изнесе дека постоела „редица на можности“.

Од почетокот на војната во Сирија околу 1,8 милиони жители избегаа преку границите. Околу 4,2  милиони Сиријци се внатрешни бегалци. Според податоци на активистите за човекови права повеќе од 100.000 луѓе досега го загубија живото во граѓанската војна во оваа земја.