1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД: помалку војници во Ирак, повеќе во Авганистан

Ирак како полека да се извлекува од насилството, но тоа се засилува во Авганистан. Американската влада затоа размислува да повлече трупи од Ирак, но да го засили контингентот во Авганистан.

default

Со опаѓањето на насилството се создава простор за повлекување на дел од американските војници од Ирак

Ужасниот бран на насилство во Ирак се смирува и во САД гледаат на тоа со чудење. Мајкл О’Хенлан, експерт за Ирак од истражувачкиот институт „Брукинг“ токму се врати од Ирак и зборува за вчудовидувачки напредок: „Откако ги засиливме нашите трупи, насилството против цивили опадна за речиси 80 насто“.

Ова придонесе да се потсмири вжештената дебата за брзо повлекување на американските трупи од Ирак, се намали и дневната поплава од хорор-снимки од Ирак. Но, наместо тоа, се натрупуваат застрашувачки вести од Авганистан за се’ поголеми загуби на американската армија, оти очигледно расте борбената моќ на талибанците.


Позитивен тренд во Ирак - предуслов за зголемен ангажман во Авганистан


На викендот во близина на границата кон Пакистан беа убиени деветмина американски војници во, како што беше соопштено од Меѓународните заштитни трупи, „грижливо планиран напад“ на екстремистите. „Таму мораме повеќе да се ангажираме“, вели претседателот Џорџ Буш. „Имаме потреба од повеќе војници во Авганистан“ - вели министерот за одбрана Роберт Гејтс.

Но, тоа ќе биде можно, само ако има повлекување од Ирак - и врз тоа Гејтс ја гради надежта: „Имаме работа со тековен процес. Ако ирачките сили бидат посилни и подобри, тогаш ние во иднина ќе можеме да ги редуцираме нашите трупи“. Претпоставка за тоа е да продолжи позитивниот, но кревок тренд во Ирак, а американските команданти таму се чини дека се претпазливи оптимисти во тој поглед.


Решение кон средината на септември


Зад кулисите друга работа ја загрижува американската влада - растечката самоувереност на ирачките војници. Со сличен впечаток се здоби и експертот за Ирак Кенет Полак од својата најнова посета на таа земја: „Сега има ирачки сили кои се големи по обем, многу поспособни, кои дејствуваат независно и се свесни за својата сила. Сите други владини институции во Ирак се слаби. На други места на Блискиот исток такво нешто е рецепт за воен пуч“.

Дилемата на американската влада е на колкав ризик е подготвена да оди во Ирак, ако го забрза повлекувањето на трупите. Решение треба да биде донесено кон средината на септември. Тогаш, во зависност од ситуацијата, ќе бидат повлечени помеѓу 8 000 и 24 000 војници. Американците сакаат да испратат до 10 илјади дополнителни војници во Авганистан - една третина од сегашниот контингент, за подготвени да ја пречекаат очекуваната пролетна офанзива.

►◄