1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

САД побараа од Русија поумерена реторика

Затегнатите односи меѓу Русија и Грузија натамошно се влошија по инцидентот со истрелана ракета врз грузиска територија. Меѓусебни префрлувања за провокација. ОБСЕ навести дека ќе побара извештај за инцидентот.

default

Остатоци од неексплодираната ракета

ОБСЕ искажа загриженост поради спорот меѓу Русија и Грузија во врска со неразјаснетиот инцидент. Организацијата ги проверува расположливите информации за можното руско ракетирање на грузиска територија и ќе побара исцрпен извештај, рече шпанскиот министер за надворешни работи Мигел Анхел Моратинос, актуелен претседавач со ОБСЕ.

САД побараа од Русија да ја ублажи реториката во најновиот спор со Грузија. Американската влада се’ уште проверува што всушност се случило и дали Русија може да биде повикана на одговорност. Вашингтон смета дека нема никаква појдовна основа за руските шпекулации дека Грузија “самата ја инсценирала таа провокација”. “Таквата реторика воопшто нема смисла и само води кон поголема затегнатост во регионот”, рече владин претставник во Вашингтон.

Претходно Грузија ги потврди своите обвинувања дека ракетата била упатена од руски авион. “Цивилните и воените радари покажуваат дека авионот долета од руска територија. Претпоставуваме дека тоа беше бомбардер од типот Сухој, кој истрела тешка, насочувана ракета во близина на градот Гори” – рече министерот за внатрешни работи Вано Мерабишвили.

Гори се наоѓа на околу 70 километри северо-западно од главниот град Тбилиси и недалеку од границата кон одметничката република Јужна Осетија.

Антирадарската ракета од руско производство, долга околу пет метри и тешка 640 килограми, со експлозивен товар од 140 килограми ТНТ, не експлодира, туку само направи кратер длабок пет метри. Грузија, која инцидентот го означи како “акт на агресија”, вели дека не поседува такви ракети, ниту авиони од тој тип. Министерот за надворешни работи го повика рускиот амбасадор и му врачи протестна нота.

Амбасадорот Коваленко, меѓутоа, смета дека обвинувањата се беспредметни: “Исклучувам дека авионот дошол од Русија. Тоа не е можно, оти не е од интерес за Русија”. Уште вчера претпладнето заменик-командантот на руското воено воздухопловство Александар Дробишевски ги демантира грузиските префрлувања: “Авионите на руското воено воздухопловство ни во понеделникот, ниту денес немаа никакви летови во спомнатата област. Границите на суверената држава Грузија не се повредени”.

Командантот на мировните трупи во конфликтната зона, предводени од Русија, изјави дека авионот полетал од грузиска територија и ја истрелал ракетата кога бил отворен оган против него.

Односите меѓу двете земји се затегнати откако на изборите во 2004-та година за претседател на некогашната советска република е избран прозападно ориентираниот, Михаил Сакашвили, кој се стреми кон членство на Грузија во ЕУ и НАТО. Спорен пункт се одметничките грузиски републики Јужна Осетија и Абхазија, кои имаат подршка од Москва.

Естер Хартбрих / Зоран Јордановски