1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД одбегнуваат нова должничка драма

По големиот судир околу буџетот минатата година, финансиската политика на САД годинава вплови во помирни води. Претставничкиот дом на САД го одобри подигнувањето на горната граница на задолжување

Претставничкиот дом на САД, во кој доминираат републиканците, со 221 наспроти 201 гласови го одобри законот, кој на владата на претседателот Обама и‘ овозможува финанансиска сигурност до март 2015 година. За новото регулирање да стапи во сила, одобрение мора да даде и Сенатот, каде мнозинството го имаат демократите на претседателот Барак Обама. Се смета дека законот таму со сигурност ќе биде усвоен.

28 републиканци гласаа со демократите

Во Претставничкиот дом до неопходното мнозинство дојде поради поделба меѓу републиканците. Нивните пратеници не можеа да постигнат согласност за тоа - нивното „Да“ за подигнување на највисоката граница за долговите да го врзат за политички услови.

Републиканците, имено, најавуваа дека ќе побараат повеќе отстапки од претседателот Барак Обама и неговата Демократска партија за да дозволат да се подигне границата на задолжување, меѓу другото - изградба на нафтоводот Кистон до Канада, или да се спречи државната помош за здравствените осигурителни компании кои се соочуваат со банкрот поради реформата „Обамакер“.

Но поради неможност да се постигне едногласност во Републиканската партија, спикерот на Претставничкиот дом Џон Бенер се обрати до демократските конгресмени со предлог да се изгласа кревање на границата на долгот без никакви услови.

На крајот, 28 од 232 републиканци во Претставничкиот дом гласаа заедно со демократите за законот - онака како што бараше претседателот Обама - кој предвидува повисока граница за долговите без натамошни условувања.

Во моментов, највисоката граница за долговите изнесува околу 17,3 билиони долари. Американскиот министер за финансии Џек Лу предупреди дека на земјата ѝ се заканува платежна неспособност, доколку границата не биде подигната до крајот на месецот. Со оглед на изборите за Претставничкиот дом, кои треба да се одржат во ноември, ниту републиканците ниту демократите имаат интерес да ги иритираат ибирачите со нов спор околу буџетот. Сепак, за многумина беше изненадување иницијативата на републиканците.

Успех за Обама

Гласањето истворемено се смета за успех за Обама. Со ова тој ќе биде поштеден од нова блокада на земјата, како изминатата есен, кога спорот околу највисоката граница за долговите беше надминат во последна минута. Истовремено, сценариото за платежна неспособност на САД ќе биде минато, штом и Сенатот ќе даде зелено светло за највисокиот лимит за долговите.

Сенатот се подготвува експресно да го усвои законот, но републиканскиот сенатор Тед Круз, кој во октомври го предводеше отпорот против
„Обамакер“, најави дека повторно ќе стори сѐ што може за да го забави гласањето во Сенатот.

„Денешното гласање е позитивен чекор да се надмине ризична политика, која целосно бесмислено го закочува нашето стопанство“, соопшти пак Белата куќа во однос на досегашната политика на блокада на републиканците.