1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД објавија запленети видео снимки од Осама Бин Ладен

Пентагон објави нови, досега невидени снимки на Осама бин Ладен од неговиот дом во Пакистан. Објавениот видео материјал запленет е во текот на акцијата кога американските специјалци го убија најбараниот терорист.

default

Секвенца од видео снимката на која Осама бин Ладен испраќа порака до народот на САД

На објавените снимки се гледа Бин Ладен како гледа телевизиски репортажи за себе, како и негови подготовки за објавување нови видео пораки насочени против САД. За време на операцијата запленети се пет снимки.

Првата снимика која ја запленила американската војска, била насловена како „Обраќање до американскиот народ“ и најверојатно била направена во есента минатата година. На неа Бин Ладен е прикажан како директно се обраќа во камера, но како гласи пораката не се знае. Американската влада одлучила да го избрише тонот од видеоснимката, за да не може материјалот од никого да биде користен за пропагандни цели, истакна портпарол на Пентагон.

Доказ за убедување на последните скептици

На втората тој гледа репортажи за себе и ги прегледува снимките со видео обраќања кои самиот ги направил, а на останатите три Бин Ладен е прикажан за време на пробите за изготвување терористичка порака упатена кон САД. Она што паѓа в очи е дека на втората условно кажано домашна снимка косата и брадата на Бин Ладен се седи и бели, додека пак во видеата наменети за надворешниот свет брадата и косата се со потемна боја и уредно потстрижени, очигледно со цел тој да изгледа помлад.

I

Втората објавена снимка на која Осама Бин Ладен ги прегледува сопствените снимки

Американската влада со објавениот материјал без сомнение сака да постигне како прво и последните скептици да бидат уверени дека навистина е пронајден и убиен Осама Бин Ладен и како второ да и‘ се покаже на јавноста колку контрадикторно живеел лидерот на терористичката мрежа Ал Каеда.

Бин Ладен активно раководел со Ал Каеда

Американската влада на прес-конференција сооопшти дека Бин Ладен од својот дом во Пакистан активно ги водел акциите на Ал Каеда. Досега се претпоставуваше дека Бин Ладен се повлекол од активната организација на Ал Каеда, односно дека водството на терористичката организација го препуштил на своите заменици.

Висок неименуван функционер на американските разузнавачки служби изјави дека овие снимки се најзначајниот „улов“ на информации за лидерот на Ал Каеда. Тој дополни дека освен видео пораките, запленети се и компјтери и на рака напишани белешки.

Автор: ЖА/СН/миа/ард

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM