1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД не се откажуваат од дијалогот со Русија и покрај Сноуден

Без оглед на сите дипломатски натегања околу Едвард Сноуден, Вашингтон планира да ги продолжи разговорите со Русија. Во меѓувреме американскиот екс-разузнавач открива нови тајни информации.

Министрите за одбрана и за надворешни работи на САД и Русија ќе се сретнат в петок во Вашингтон, каде ќе разговараат  на голем број теми, од случајот со Едвард Сноуден до сириската криза. Високи американски и руски функционери за време на состанокот ќе разговараат и за ситуацијата во Авганистан и Иран. Портпаролката на Стејт департментот Џен Псаки изјави дека на средбата ќе стане збор и за програмата за нуклеарно разоружување на двете земји.

Исто така, се очекува да биде разговарано и за најавената претседателска средба меѓу Барак Обама и Владимир Путин, по заладувањето на односите поради аферата Сноуден.

Официјален Вашингтон претходно најави дека би можело да дојде до откажување на септемврискиот претседателски самит поради одлуката на Русија да даде привремен азил на Сноуден.

Американскиот претседател Барак Обама потврди дека ќе земе учество на средбата на врвот на Г-20 во Санкт Петербург. Обама не прецизира дали планира да ја посети Москва и да разговора со рускиот колега Владимир Путин. Тој изрази разочарување од одлуката на Русија да даде времен азил на поранешниот соработник на ЦИА, Едвард Сноуден, обвинет од САД за обелоденување на програмата за електронско следење на комуникациите на Агенцијата за национална безбедност. Според него, одлуката на Москва сведочи за присуство на одредени проблеми во односите меѓу Русија и САД.

„Понекогаш Русите се враќаат кон менталитетот од времето на Студената војна. Тоа веќе е минато и треба да мислиме на иднината“.

Тој истакна дека Москва и Вашингтон продолжуваат да соработуваат за Авганистан и за истрагата на терористичкиот напад на Бостонскиот маратон.

Во меѓувреме Венецуела ја потврди подготвеноста да му даде траен азил на Едвард Сноуден. И Еквадор и Боливија се исто така подготвени да го примат човекот кого го бараат САД. НО, прашање е дали нему ќе му успее да стигне во Латинска Америка.

Американскиот новинар Глен Гријноулд, дописник на британски Гардијан од Бразил, изјави синоќа дека поседува околу 20 илјади тајни документи предадени од поранешниот вработен на американската Агенција за национална безбедност, Едвард Сноуден. Во извештај пред Комисија во бразилскиот Сенат, Гријноулд изјавил дека програмата на американското разузнавање за глобално следење на електронските комуникации не била само за откривање и следење терористи, туку и за економска и индустриска шпионажа.

„Статиите што се објавени се многу мал дел од содржината на тие документи“, додаде тој без да прецизира што содржат.

„Со сигурност ќе има нови откритија за шпионажа на владата на САД и сојуниците кои упаднале и во комуникациските системи на Бразил и Латинска Америка“, нагласи новинарот.