1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД не сакаат натамошна ескалација на кризата околу С. Кореја

Вака уверуваше денеска во Сеул американскиот министер за надворешни работи Рајс. Кина се ангажира во Пјонгјанг, исто така настојувајќи да спречи ескалација во овој спор

Кондолиза Рајс и Бан Ки Мун

Кондолиза Рајс и Бан Ки Мун

На турнејата по Азија Кондолиза Рајс, која пред Сеул беше и во Токио, агитира за консеквентно спроведување на санкциите против Северна Кореја, усвоени од Советот за безбедност на ОН по извршениот тест на атомска бомба. Рајс во Сеул не доби поддршка за својата кампања. Владата на јужниот дел на поделената земја и натаму се колеба да воведе поостер курс спрема Северот и проценува дека санкциите не ги тангираат двата најголеми тамошни јужнокорејски развојни проекта – индустриската зона во Кесонг и туристичкиот комплекс на планината Кумганг, иако тие на режимот на диктаторот Ким Јонг-ил годишно му носат повеќемилионски девизни приходи во американски долари. Јужнокорејската влада има намера само да го прекине дотирањето на патувањата на студенти и пензионери во Северна Кореја.

Ни по повеќечасовните консултации на Кондолиза Рајс со колегата по функција Бан Ки Мун и со претседателот Ро Му-јон, јужнокорејската страна не сакаше конкретно да се определи дали ќе учествува во контролите на севернокорејски товарни бродови на отворено море. Јужна Кореја не е полноправен член ни на иницијативата за неширење на забрането оружје, во која воената морнарица на 15 земји, меѓу нив и Германија, од пред три години ширум светот контролира сомнителни бродови за да спречи трансфер на такво оружје.

Непосредно пред посетата на Рајс Јужна Кореја најави дека во иднина позасилено ќе ги контролира испораките за Северот и ќе ја преработи листата на стоки кои смеат да бидат испраќани натаму. Во противпотег, САД, според Кондолиза Рајс, не планираат никаква поморска блокада на Северна Кореја. “САД немаат потреба да ја заоструваат ситуацијата. Крајно погрешна е идејата, Резолуцијата 1718 така да ја спроведеме, што би се зголемила затегнатоста на корејскиот полуостров или на отворено море” – рече Рајс.

Во меѓувреме Кина презема дипломатски чекор за спречување на натамошна ескалација на атомската криза. Поранешниот министер за надворешни работи Танг Џиашуан се сретна на “многу важен разговор” во Пјонгјанг со севернокорејскиот водач Ким Јонг-ил, кому му пренесе порака од претседателот Ху Џинтао. Се претпоставува дека кинескиот емисар настојувал да ја одврати Северна Кореја од евентуална втора атомска проба. Истовремено кинеското министерство за надворешни работи предупреди да не се прошируваат санкциите, оти оние кои беа усвоени биле одмерени.

Американскиот претседател Џорџ Буш, инаку, и’ се закани на Северна Кореја со тешки консеквенции доколку би им испорачала атомско оружје на Иран или на терористичката мрежа Ал Каеда. Таков обид, според Буш, би бил сфатен како сериозна закана за безбедноста на САД.