1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„САД не очекуваат едногласност на Европа“

Потпретседателот на САД Џо Бајден доаѓа во Европа. САД акцент ставаат врз заеднички мерки во борбата против тероризмот, а Европа очекува разговор за подобрување на трансатлантските односи, зашто се смета запоставена.

default

Џо Бајден

Џо Бајден утре (05.05.2010) ќе одржи говор во ЕП во Брисел, а ќе ја посети и Шпанија, земјата-претседавач со ЕУ.

За време на неодамнешната посета на Вашингтон, претседателот на Европскиот парламент Јежи Бузек пријателски, но недвосмислено, укажа дека меѓу САД и Европа има работи кои треба да се подобрат. Како област каде има разлики тој ја спомена борбата против глобалнто затоплување на климата.

„Ние во ЕУ често велиме дека САД воопшто не ја поддржуваат таа борба. Знаеме дека Американците имаат инаков пристап, но мора да анализираме зошто е така. Можеби грешиме ние, можеби, пак, вие.“

Американскиот амбасадор во ЕУ Вилијам Кинард ја отфрла критиката. Обете страни се согласни оти промената на климата претставува егзистенцијална закана за планетава, вели тој и во разговор за Дојче веле во Вашингтон проблемот го лоцира во американскиот Конгрес.

„Да донесуваше претседателот сам закони, сосем сум сигурен дека уште одамна ќе имавме закон за климата“.

Настапите на претседателот Обама на самитот за климата во Копенхаген општо беа примени како разочарувачки, но Кинард уверува дека претседателот и натаму е решен да работи врз законска регулатива за климата.

Botschafter William E. Kennard

Вилијам Кинард

Заеднички напори

Амбасадорот ги нагласи областите во кои Европа и Соединетите Држави соработуваат и ги наведе заедничките напори во атомскиот спор со Иран, како и ангажманот во Авганистан.

„Јас ја отфрлам помислата дека САД и’ го свртеа грбот на Европа или ја загубија од видно поле, туку таа повеќе се најде во фокусот.“

Па сепак, Обама на почетокот од годинава го откажа учеството на редовниот евроамерикански самит, оти наводно Европејците не можеле да се договорат ни каде ќе се одржи собирот, ниту со кој од европските политичари треба да се состане американскиот претседател. Значи, и по стапувањето во сила на Договорот од Лисабон Европејците и натаму не зборуват со еден глас?

„Ние никогаш ни не очекувавме вистински дека Европа ќе биде во состојба да зборува со еден глас“, одговара амбасадорот Кинард.

Flagge USA EU Symbolbild

Но, тој дипломатски дообјаснува дека ни во САД не може претседателот секогаш да ги одредува насоките, како во примерот со заштитата на климата.

САД очекуваат олеснет дијалог со ЕУ

Америка очекува дека Европа сега ќе може полесно да донесува решенија особено во надворешната политика.

„Договорот од Лисабон е натамошен чекор во европската интеграција, што ние го сметаме за позитивен, и знаеме дека ќе биде потребно време за да биде спроведен. Понекогаш тоа ќе биде фрустрирачко, оти многу работи се збркани и не се знае точно каде води сето тоа“.

Вилијам Кинард вели дека секако ќе трае уште долго време додека да се реализира целта во евроамериканската соработка што ја декларира Јежи Бузек во Вашингтон: трансатлантско поврзување.

Автор: Кристина Бергман/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска