1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

САД нема да заземат страна во спорот за името

Македонскиот премиер Никола Груевски ја продолжува посетата на Вашингтон и денеска го очекуваат средби со американски сенатори и конгресмени. Во фокусот на вчерашните средби со Бајден и Клинтон беше спорот за името.

default

Потпретседателот на САД Џозеф Бајден и македонскиот премиер Груевски на средбата во Вашингтон

Радио Слободна Европа во пресрет на посетата на македонскиот премиер Никола Груевски на САД, коментираше дека е можно тој да има „тешки средби“ во Вашингтон. Но, ако американската администрација имаше некакви критики за владата на Груевски, за нив во официјалните изјави и соопштенија по средбите на македонскиот премиер со потпретседателот на САД, Џозеф Бајден и државниот секретар Хилари Клинтон, немаше ништо. Изгледа дека добрата волја на Вашингтон кон Македонија не е под прашање.

Некои експерти во САД го објаснуваат ваквиот став со придонесот на Македонија во глобалната војна против тероризмот и учеството во воената мисија во Авганистан.

Mazedoniens Premier Nikola Gruevski und US Außenministerin Hillary Clinton

Премиерот Груевски и американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон

Се говорело за важноста на владеењето на правото и независните медиуми

Роберт Хилтон, портпарол на Канцеларијата за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот, за Дојче веле изјави дека средбата Клинтон-Груевски опфатила бројни аспекти на билатералните односи, но и ангажманот на Македонија во Авганистан:

„Државниот секретар Клинтон и премиерот Груевски дискутираа за широк спектар билатерални и регионални прашања. Меѓу нив беа важноста на владеењето на правото и независноста на медиумите, како и добрите меѓуетнички односи во период кога Македонија ја одбележува 10 годишнината од Охридскиот рамковен договор. Секретарот Клинтон уште еднаш изрази надеж дека Македонија и Грција ќе го решат заедно долгогодишниот спор за името, со што Македонија би се придвижила напред кон членството во НАТО и остварувањето на евроатлантските аспирации. Конечно, државниот секретар изрази благодарност за придонесот на Македонија во Авганистан која е една од земјите со најмногу војници по глава на жител во мисијата ИСАФ“, изјави Хилтон.

Идентично формулирано соопштение по средбата Груевски-Бајден издаде и Белата куќа.

Во изјавата за медиумите по средбите со Бајден и Клинтон во Вашингтон, македонскиот премиер истакна дека евроатлантските интеграции заземале најголем дел од разговорите со американските претставници. Но и покрај напредокот на Македонија во имплементирање на реформите, нејзиното членство во НАТО и почетокот на преговорите за членство во ЕУ зависи од решавањето на спорот за името со Грција:

„Ставот на САД е дека Македонија и Грција треба да го решат овој проблем и оти само ние можеме да најдеме решение и не треба да очекуваме некој друг да ни‘ го реши тоа прашање и дека треба да останеме фокусирани на ова прашање. Се разбира тоа е и наш став. Остануваме силно фокусирани на прашањето за името“, рече Груевски.

US-Experte für internationale Beziehungen John Sitilides

Џон Ситилидес, американски експерт за меѓународни односи

Политичката волја треба да произлезе од Македонија и Грција

Политичкиот аналитичар Џон Ситилидес, кој е експерт за американската надворешна политика на Балканот, во изјава за ДВ исто така вели дека политичката волја за надминување на спорот треба да дојде од Скопје и Атина и оти САД нема да заземат страна за ова прашање:

„Сметам дека САД чувствуваат дека Македонија може да биде важен дел од ЕУ во годините што доаѓаат, особено што земјата ја очекува проектиран економски раст од околу 3,5 проценти во 2011 година. Меѓутоа, постои загриженост во Вашингтон поради континуираниот неуспех на Македонија на регионалните, европските и меѓународните нивоа на дипломатија, и дека веќе 12 години се водат разговори под покровителство на ОН без изгледи за решавање на прашањето за името во догледна иднина“ , вели Ситилидес додавајќи:

„САД нема да заземат страна за ова прашање и тоа беше јасно ставено до знаење. Тие не се во можност, ниту пак ќе се обидат да извршат влијание врз Македонија или врз Грција да направат отстапки кои земјите не се подготвени да ги направат, со цел постигнување решение. Политичката волја треба да произлезе од самите земји, а не од Вашингтон.“

Автор: Соња Каникова/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM