1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД на работ на банкрот

Во Вашингтон денеска се одржува нова, трета по ред, кризна средба поради високиот долг на САД. Вчерашната средба во Белата куќа на американскиот претседател Барак Обама и водечки конгресмени заврши без договор.

default

Барак Обама и Тимоти Гајтнер

Американската влада и опозициските републиканци остануваат неединствени во ставот околу начините за излез од драматичната буџетска криза на земјата. Вчерашната средба на американскиот претседател Барак Обама и конгресмени во Белата куќа заврши без резултат, но двете страни имаат намера да преговараат секој ден, се‘ додека не се најде начин за избегнување банкрот.

Во Вашингтон вчера по само еден час се‘ беше завршено - без изјави, без информации. Околу тоа што зборувале демократите и републиканците може само да се шпекулира. А, она што е во оптек, не изненадува никого. Според ваквите информации, мора да се дискутира за голем пакет мерки за штедење. Тоа значи дека Американците во наредните 10 години мора да заштедат четири илјади милијарди долари. Тоа значи и дека во голем дел би биле погодени социјалните давачки.

Ваков модел претседателот Барак Обама прифаќа само ако се зголемат и даноците. Џон Бонер од редовите на републиканците фаворизира помало решение, според кое ќе се заштедат две илјади милијарди долари, но нема да се зголемуваат даноците за богатите и за претпријатијата.

Banken Krise USA Bank Banker

Состанок на американските банкари

Денеска преговорите меѓу двата табора продолжуваат, по што се очекува прес конференција на Барак Обама. Пред разговорите претседателот изјави дека решение мора да се најде во наредните десет дена. На исто мислење е и министерот за финансии Тимоти Гајтнер, кој ги предупреди републиканците дека нема алтернатива и оти согласност мора да биде постигната:

„САД нема да банкротираат. Ние сме земја која си ги плаќа сметките. Ќе ги исполниме нашите обврски“, рече Гајтнер.

Втори август е денот „Д“

За американската телевизија Гајтнер опиша што би се случило доколку до втори август не биде најден заеднички јазик меѓу власта и опозицијата: „Финансиски би го загубиле здивот, не би добивале нови кредити. Ако не постигнеме согласност тоа би имало катастрофални последици за американската економија.“

Новата шефица на Меѓународниот монетарен фонд, Кристин Лагард, во едно интервју изјави дека неуспехот на преговорите во САД би имало тешки последици за САД - повисоки камати и поголема невработеност. Но, таа е оптимист и смета дека решение ќе се најде: „Во ниту еден момент не можам да си замислам дека САД би банкротирале“, вели Лагард.

Автор: Елизабета Милошеска Фиданоска/ард/дв

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM