1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

САД на пат кон платежна парализа

Во спорот околу државниот буџет американските Републиканци сакаат по секоја цена да ја спречат здравствената реформа на претседателот Обама. Ако до вторник не се најде решение, ќе дојде до парализирање на владата.

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес го усвои проект законот за привремено финансирање, кој Демократите претходно го оценија како неприфатлив. Републиканското мнозинство во Конгресот одобри мерки за финансирање на државниот апарат до 15 ноември, одложувајќи го на една година спроведувањето на здравствената реформа на претседателот Барак Обама. Предлог законот ќе биде отфрлен во Сенатот, контролиран од Демократите, изјави раководителот на Демократите во Сенатот, Хари Рид. Белата куќа, исто така, предупреди дека претседателот ќе стави вето на овој текст.

Двата дома на Конгресот ќе треба да постигнат согласност по прашањето пред полноќ во понеделник, кога завршува фискалната 2013 година. Ситуацијата изгледа крајно збунувачки и голем број конгресмени предвидуваат парализа на владините служби од вторник.

„Конгресот и Сенатот се како две локомотиви, што се движат една кон друга со мала брзина“, објави на Твитер конгресменот Скот Ригел од Републиканската партија.

Американските војници, пожарникарите и болниците ќе продолжат да добиваат финансиски средства, дури и ако владините институции бидат принудени да запрат со работа. Последен пат случај на парализа на владините служби пoради спор околу буџетот имаше во средината на 1990-те години.

Растечката несигурност околу државниот буџет на најголамата светска економија предизвика нервоза и на светските финансиски пазари. Дебатата околу провизорно финансирање притоа е помалиот спор во Кoнгресот кој не предизвикува толкави последици. Пратениците треб ада се договорат и околу подигање на границата за државни задолжувањаод сегашните 16,7 билиони долари. Според проценките, во спротивно кон средината на октомври САД би биле практично платежно неспособни.