1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД: Националната безбедност пред правата на новинарите

Американскиот министер за правда Ерик Холдер (на фотографијата) на прес-конференција објасни дека акцијата против АП е преземена поради загрозување на националната безбедност.

Американскиот министер за правда Ерик Холдер изјави дека истекувањето на информации, кои ја засегнуваат националната безбедност на САД, што го поттикнало Министерството за правда да конфискува снимки од телефонските разговори на новинари на агенцијата Асошиејтид прес, е меѓу најсериозните нарушувања на кој бил сведок.

Холдер на прес-конференција изрази увереност дека иследниците ги испочитувале сите правила и норми на Министерството за правда во својата истрага, која го покрена прашањето за слободата на печатот во САД. Тој истакна дека лично не се ангажирал во овој случај, со цел да го избегне потенцијалниот конфликт на интереси, со оглед на тоа дека бил повикан на разговор во ФБИ во врска со истрагата за недозволено откривање на доверливи информации. Поради тоа таа задача му е доверена на заменик-министерот за правда Џим Коул. Засега Владата не соопштува за каква цел ги собирала снимките од разговорите.

Претходно, американски претставници изјавија дека во Вашингтон се води истрага за истекување информации за операцијата на ЦИА во Јемен, со која е спречена Ал Каеда во пролетта 2012 година да активира бомба во авион на пат за САД. Оваа информација се појави во напис на АП од 7 мај 2012 година. Извршниот директор на АП, Гари Пруит ја означи вчера постапката на Министеството за правда како „големо и без преседан мешање во работата на агенцијата“. Портпаролот на Белата куќа Џеј Карни изјави дека претседателот Барак Обама се обидува да ја балансира поддршката на слободата на медиумите со потребата да се истражи истекувањето на доверливите информации.