1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД му се закануваат на Иран

САД изрично го предупредија Иран да не го затвора Ормускиот теснец. Американската морнарица укажува на своето робустно присуство во регионот. Техеран меѓутоа останува на плановите за блокада на важниот поморски пат.

default

САД упатија недвосмислени зборови до иранското раководство:

„Нема да толерираме никакви попречувања на поморскиот сообраќај во Ормускиот мореуз“, соопшти претставник на Пентагон во Вашингтон.

Ребека Рибериш, портпарол на американската Петта флота во Бахреин, истакна:

„Секој кој ја загрозува или спречува слободата на поморскиот сообраќај во меѓународен теснец, се позиционира јасно против меѓународната заедница. Таква постапка нема да се дозволи“.

Преку тесниот поморски пат меѓу Персискиот залив и Оманскиот залив се врши најголемиот дел од извозот на нафта од Блискиот Исток. При евентуална блокада од страна на Иран експертите стравуваат од масовно покачување на цените на суровата нафта со несогледливи последици за светското стопанство. Ормускиот залив кај американската војска спаѓа во зоната на надлежност на Петтата флота, која во регионот има стационирано повеќе од 20 воени бродови, меѓу кои и носачи на авиони и над 16 илјади војници.

Причина за вознемиреноста е заканата на иранскиот заменик-премиер Реза Рахими за блокада на Ормускиот теснец доколку Западот воведе натамошни санкции против Техеран поради неговата спорна атомска програма.

Der Persische Golf, Satellitenbild

Сателитски приказ на Персискиот залив и Ормускиот теснец

„Во таков случај низ мореузот нема да помине ни капка нафта“, се закани заменикот на претседателот Махмуд Ахмадинеџад. Затворањето на заливот за нафтени транспорти не е никаков проблем, смета шефот на иранската морнарица, Хабибулах Сајари:

„Полесно е од испивање чаша вода“, беше уверен тој првично, но во меѓувреме ја релативизираше изјавата. Момемтно Сајари не гледа нужност од вршење блокада, зашто Иран ја има под контрола морската област, од саботата во регионот се во тек маневри на иранската морнарица.

Новите санкции ќе следат

Германската влада не е поколебана од иранските закани:

„Останува на планираното, на следниот Совет на министрите за надворешни работи на ЕУ кој ќе биде одржан на 30 јануари, да се договориме за дополнителни санкции од квалитативна природа против Иран“, изјави портпарол на Министерството за надворешни работи во Берлин. Иранските закани само го потврдуваат влијанието на силниот меѓународен притисок.

И американското министерство за надворешни работи ја повтори својата позиција: Доколку Иран продолжи да не се однесува во согласност со интернационалните обврски во поглед на својата атомска програма, ќе следуваат нови санкции. Ако Техеран попушти, ќе следи засилена соработка со Западот. Западот го сомнични Иран дека тајно работи на развивање атомско оружје, за што постојат и докази според најновиот извештај на Меѓународната агенција за атомска енерегија.

Иран и порано повеќепати се закануваше со блокирање на Ормускиот теснец, но не ја спроведе намерата.

Автор: ЖА/дпа/афп/ртре/дапд

Редактор: Борис Георгиевски